ВИДЕО | Драма на Менхетн — зграда е евакуирана, се деформирале носечките челични столбови
Деловна зграда од 38 ката во изградба, во центарот на њујоршкиот деловен кварт Менхетн, беше евакуирана денес откако попуштиле челичните носечки столбови , предизвикувајќи уривање на неколку ката и паѓање на градежни материјали, соопштија властите во Њујорк, објави Си-ен-ен.
Препорачано
Зградата беше евакуирана околу 8:11 часот по локално време откако градежните работници забележаа дека два потпорни столба на 21-ви и 22-ри кат се повлекле и почнале да попуштаат, соопштија Полициската управа и Противпожарната служба на Њујорк.
Пожарникарите изјавија дека притисокот предизвикал уривање на структурата помеѓу 21-ви и 26-ти кат, објави Њујорк пост, додавајќи дека причината за штетата сè уште не е позната.
Сите градежни работници безбедно ја напуштија зградата и никој не е повреден во инцидентот.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека досегашните наоди укажуваат дека има сериозни структурни проблеми во зградата.
„Она што досега е утврдено е дека во зградата има структурни проблеми. Ги повикувам граѓаните во непосредна близина да ги следат упатствата на надлежните органи. Не само што оваа зграда е евакуирана, туку и околните згради, вклучувајќи го и блиското училиште, и верувам дека овие мерки се оправдани во овој момент“, рече Мамдани.
Полицијата, противпожарната служба и градските службеници се на местото на настанот и ги утврдуваат околностите на инцидентот.
Бебе со папочна врвца најдено на Менхетен – полицијата трага по мајката


