ВИДЕО | Андоновиќ: Цел свет им се смее на САД, тоа што се случува таму е катастрофа а не демократија, порача Путин

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Очекувано актуелниот руски Претседател Владимир Путин победи на претседателски избори во Русија. Во услови кога немаше вистинска конкуренција, Путин обезбеди уште шест години на чело на Русија со освоени 87,26 отсто од гласовите.

Според податоците објавени од Централната изборна комисија на Русија, на второ место е кандидатот на Комунистичката партија на Руската Федерација, Николај Харитонов, кој според делумните резултати доби 4,18 отсто од гласовите.

Следуваат кандидатот на Партијата на Новиот народ Владислав Даванков, кој освои 3,99 отсто и кандидатот на Либерално-демократската партија на Русија Леонид Слуцки со 3,12 отсто.

Според прелиминарните податоци, одзивот на гласачите на првите претседателски избори во Русија одржани во текот на три дена – 15, 16 и 17 март, изнесува 74,22 отсто. Во 2018 година, кога гласањето се одржа во еден ден, одзивот на гласачите беше значително помал – 67,54 отсто. Во 2018 година, 76,69 отсто од гласачите гласаа за Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата победа на изборите покажува дека Москва е во право што му се спротивстави на западот и ги испрати своите војници во Украина.

Со најновата победа Путин успеа да ја консолидира својата власт, иако илјадници противници организираа симболични пладневна протести на избирачките места.

Во победничкиот говор по соопштувањето на резултатите, Путин порача дека приоритет ќе му даде на решавање на задачите поврзани со, како што ја нарече, „специјалната воена операција“ на Русија во Украина и ќе ја зајакне руската војска.

„Имаме многу задачи пред нас. Но, кога сме консолидирани, без разлика кој сака да не порази – никој никогаш не успеал во историјата, не успеал сега, нема да успее ниту во иднина“, рече Путин.

Неговите приврзаници скандираа „Путин, Путин, Путин“ кога тој се појави на сцената и „Русија, Русија, Русија“ откако го одржа говорот за прифаќање.

Поттикнати од смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина во арктичкиот затвор минатиот месец, илјадници противници протестираа против Путин во неделата напладне на избирачките места во Русија и во странство.

Путин пред новинарите изјави дека ги смета руските избори за демократски и дека протестот против него инспириран од Навални немал никакво влијание врз исходот на изборите.

Тој рече дека смртта на Навални е „тажен настан“ и потврди дека бил подготвен да изврши размена на затвореници со западот во која бил вклучен и опозицискиот политичар.

На прашањето на американската ТВ мрежа NBC дали неговиот реизбор е демократски, Путин го критикуваше американскиот политички и судски систем.

„Целиот свет се смее на она што се случува во САД“, изјави Путин, нарекувајќи ја состојбата во САД како „катастрофа, а не демократија“.

„Дали е демократски да се користат административни ресурси за напад на еден од кандидатите за претседател на САД, користејќи, го меѓу другото, и судството? праша Путин, алудирајќи на четирите кривични случаи против републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Руските избори се одржуваат нешто повеќе од две години откако Путин го започна најдолгиот и со најголем број на човечки жртви конфликт во Европа од Втората светска војна, со наредба за инвазија на Украина.

Самата војна ги одбележа тридневните избори: Украина постојано ги напаѓа нафтените рафинерии во Русија, гранатираше руски региони и се обиде да ги пробие руските граници со мали герилски единици наводно формирани од незадовлни руски граѓани – потег за кој Путин најави дека нема да остане неказнет.

Иако реизборот на Путин не е доведен во прашање со оглед на неговата контрола врз Русија и отсуството на вистински предизвикувачи, поранешниот шпион на КГБ сакаше да покаже дека има огромна руска поддршка. Неколку часа пред затворањето на избирачките места, излезноста низ целата земја го надмина нивото од 67,5 отсто во 2018 година.

Немаше независни податоци за тоа колку од 114 милиони руски гласачи учествуваа на протестите на опозицијата, во услови на екстремно строги безбедносни мерки во кои беа вклучени десетици илјади полицајци и припадници на службата за државна безбедност.

Исходот од изборите му дава на Путин (71) почеток на нов шестгодишен мандат со кој, доколку го заврши до крај, ќе го надмине Јосиф Сталин и ќе стане најдолготрајниот руски лидер во историјата на Русија во последниве 200 години.

Западните медиуми наголемо шпекулираат за тоа кој ќе биде политиката на Путин во новиот мандат. Шпекулациите се најразлични но самиот Путин најави дека ќе ја продолжи досегашната политика на спротивставување на Русија кон западот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот