Ви се прди вам за Европа!

Соња Христовска Угриновска

Власта што го доби најнегативниот Извештај на Европската комисија во последните години за напредокот на земјава кон ЕУ, извештај во кој оценката за најглавното гласи – „нема напредок“, се нарекува „Европски фронт“. Претенциозно, благо речено. Освен ако не се водат како губитници на фронтот. Ако се европски значи се за ЕУ, ако се фронт, значи се борат против некој што е против Европа, ама кога Извештајот кажува дека не постигнале напредок, тоа може да значи дека или фронтот им е (само)пробиен, а „генералите“ не ги бива, или се потајно антиевропски, оти европските политички стандарди воопшто не им одговараат на желбите. По Извештајот, името на фронтот им станува смешно и треба да си побараат друго.
А секојдневно ни повторуваа дека работат на европските стандарди, не се симнаа од авионите со кои шетаат по европските престолнини, ниту го симнаа европското знаменце од законите што ги усвојуваат! Тоа се првите асоцијации за европското дејствување на домашниот еврофронт што му паѓаат на памет на македонскиот жител, кому три децении и Скопје и Брисел му зборуваат дека е Европеец, а тој веќе не знае ниту дали е Македонец, ниту дали е граѓанин.
Европскиот скенер е немилосрден – Европската комисија недвосмислено им укажа на владејачите – нема напредок во правната држава, во демократските институции, во борбата со корупцијата, нема кратење на јавната администрација, нема мерит-систем со кој ќе може навистина способниот да добие раководни функции, со други зборови, им плесна в лице дека не сработиле ништо, дека таму каде што е најважно да има напредок – нема!
А има – измени на Кривичниот законик со злоупотреба на европско знаменце со кои застареа предметите од висока корупција! И има сериозна загриженост во Европската комисија поради оваа намерна капитулација на нашите борци за ЕУ! Она што за премиерот Димитар Ковачевски беше „ништо страшно“, па дури и благородно зашто се менувале страшни закони што некојси комунистички Дарт Вејдер ги пишувал за нелуѓе, е токму тоа, „амнестијата“ на ексфункционерите, за ЕУ е „нешто страшно“, па покажа сериозна загриженост. Со други зборови, владеењето на правото и борбата против корупцијата се без напредок во изминатата година, а тоа нас нè прави неподобни за каква било врска со Унијата. Нема да ни раскинат, ама нема ниту да се земеме.
И време е пак да ги потсетиме евроборците: за повеќе земји, на чело со Холандија, услов за да дозволат Македонија да почне да ги отвара преговорите за членство беше гаранцијата дека со новиот закон за Јавно обвинителство од 2019 година ќе се обезбеди сигурна завршница на предметите што ги отвори поранешното СЈО. Овој холандски услов беше и пред бугарското вето. Но, со измените на Кривичниот законик ќе нема завршница, криминалните и корумпираните функционери ќе бидат на слобода и ќе добијат милиони за отштета, а земјите како Холандија можеби нема само да изразуваат загриженост, туку и ќе дејствуваат.
Напразно уверува вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ дека Македонија имала напредок во 80 проценти од поглавјата, а не е нотирано назадување во ниту едно. „Има нула назадувања“, како што рече. Заборави да каже колку нули како оценки има, односно во колку поглавја „нема напредок“ и дека во овој Извештај има најмногу такви нули од извештајот кога земјава беше прогласена за „заробена држава“ во времето на Никола Груевски. Па, плови ли брод со 20 отсто оштетувања или тоне?
Пропушти Маричиќ да биде самокритичен и да каже дека најверојатно нема оценка „назадување“ само поради кревкиот геополитички контекст со војната во Украина (поради што и самата Украина доби пофалби за „извонредни напори за реформи“). Оти, кај се видело да биде позитивно оценета држава што наместо со договор за јавни набавки во транспарентна постапка дава милијарда евра во четири очи за изградба на автопати и тоа со злоупотребено европско знаменце оти, ете, автопатите се за заокружување на трансевропските коридори, па заслужиле знаменце, како и законот со кој работниците ќе работат „како робови“.
Наместо навистина да прават реформи, и тоа не првенствено заради ЕУ, туку заради самите нас, борците од европскиот фронт целата година ја потрошија критикувајќи ја опозицијата колку е антиевропска, затоа што не сакаше „да им учини“ и да ги внесе Бугарите во Уставот. Ако навистина беа европски настроени, само мал дел од тимот ќе ги туркаше уставните измени, а целата Влада ќе беше впрегната во носење закони за што поскоро да се довршат реформите. Тие си знаат дали тоа го правеле намерно или поради лоша процена, ама и граѓаните знаат дека има разлика од она што се зборува, до тоа што се прави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот