Ви се чини забавно? Додека вие не станете предмет на забавата…

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

„Системот“ мора да произведува проверени и навремени вести, бидејќи не е во интерес на самата јавност актуелните теми да се тривијализираат, да се банализираат, да се сведуваат на озборувања и конфронтации, кои „за пет минути“ се претвораат во политички и лични пресметки.

Ќе помине и цела недела од трагедијата пред дискотеката во Градски парк, а јавното фејсбук-черечење на настанот и актерите во него не стивнуваат. Протече видеоснимка направена од државни камери, јавно се прераскажуваат приватни лекарски наоди и се интерпретираат медицински дијагнози за починатиот, изјавите на сведоците се „во трка“ со изјавите на анонимни службени лица за наводното однесување на приведените во полициска станица, а неовластено и сеирџиски објавените детали од апсењата се поколоритни од оние во официјалните записници… Сите се натпреваруваат кој ќе додаде повеќе контроверзии од животот на починатиот и на осомничените, се пласираат најфантастични претпоставки, се имплицираат роднини, се шират алузии за секс, видеоленти, алкохол, сомнителни наркотични супстанци, дискотека без дозвола за работа, нејзини сопственици со врски во политичко-полициското подземје, партиски препукувања, меѓународна „димензија“…

Јавноста веќе правосилно им пресуди на замешаните, без право на жалба. Понатамошната истрага, документирањето на случајот и судскиот процес што би следувал, ќе бидат непотребно трошење време и државни пари.

Сите размислуваат во ритамот и форматот на таблоидните портали, удавени во воајерската тривијалност на социјалните мрежи. Нема сочувство ниту со жртвата ниту со семејството, нема емпатија ни за осомничените.

А потоа нов скандал со снимки за земање поткуп на водач на смена во Царината… Па лавина сомневања за подметнување пожар кај „Треска“ уште пред „истрагата“ да излезе од чадот и пепелта на запалените објекти… Додека ова отиде „во печат“, којзнае која нова афера ќе ги потисне претходниве (како и претходните на претходните) и ќе го „завладее“ виртуелниот простор на нашите реални животи.

За овој „феномен“ може да има разни општествени, социјални, психолошки, комуниколошки, какви сакате, па и патолошки објаснувања, но во еден сегмент сигурно може да се најде доволно потфрлање, произведен од официјалниот информативен и процедурален „вакуум“, што потоа се полни со конфузната врева во јавноста. На пример, сега гледаме дека не постои процедура во која, при интервенција на Брза помош во инцидент со потешки или со смртни последици, МВР автоматски службено би се информирало (бидејќи никој од сведоците на настанот не нашол за потребно да повика полиција); дека никој во Обвинителството или во МВР не испитува кој од нивните службеници и официјални лица раскажува прикаски по социјални мрежи и медиуми од истраги што се во тек, а да не зборуваме за делење службени видеозаписи кому како ќе му текне; дека нема ни процедури по болниците кој доктор што треба или што (не) смее да дава како јавни изјави за пациенти кои им се тукушто донесени на третман или кои дури и починале на интервентните маси… Целиот службен систем се однесува како „социјална мрежа“ во која лајковите се поважни од правилата и процедурите што би морале да постојат.

Не е спорно: јавноста има право да знае! Плус, нејзината љубопитност е ургентна, неограничена, па дури и по прашањето за споделување непристојни детали од настаните. Но, „системот“ мора да произведува проверени и навремени вести, бидејќи не е во интерес на самата јавност актуелните теми да се тривијализираат, да се банализираат, да се сведуваат на озборувања и конфронтации, кои „за пет минути“ се претвораат во политички и лични пресметки. Таа френетичност, имено, не е во корист на самата јавност, бидејќи само ја храни хистеријата на шпекулации, на гласишта, на конспирации, на општа недоверба и сомнеж што, потоа, како генерален фон „ги владее“ и темите што не се само за дневна забава и за задоволување на „примарните инстинкти“ на публиката. Тоа ја формира општата врескава и полна со говор на омраза „политичка култура“ во општеството со која пристапуваме и за многу посериозни и многу поважни прашања во доменот на функционирањето на државата.

Една од последиците „штетни“ по јавниот интерес е и тоа што и често ни се случува оние што се навистина квалификувани, надлежни или со стручни познавања за проблемите за кои се води френетична расправија, да се воздржуваат да ги кажат своите експертски ставови и сознанија, оставајќи ја информативната какофонија да владее со јавниот простор.

За ова треба да размислат и „надлежните“, но и оние што мислат дека не се надлежни. Сите ние, всушност. Бидејќи, порано или подоцна, од комотната сеирџиска позиција на публика, секој може да се најде во центарот на виорот на некој следен случај и фејсбук-сеир кога нашето семејство, нашето здравствено досие, нашиот дом или приватните детали од нашиот живот ќе бидар „черечени“ пред јавноста, без можност за заштита и демант на изреченото.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот