Живеела надвор од секој калап, чезнеела за љубов, а ни ги остави најубавите песни извлечени од нејзиниот живот кој е тажна приказна

фото Фејсбук

Жена поет, но не и „машкоданка“, жена неродилка, но не и жена немајка. Љубовница, но не и прељубница. Жена отпор и жена прекор. Така, хрватската поетеса Весна Парун ќе напише за сопствената животна приказна.  

Од мала била блиска со сиромаштијата, но и од мала ги воодушевувала наставниците со бистрината, желбата за учење и љубовта кон поезијата. Своите први стихови ги објавила уште како девојченце на десетгодишна возраст во училишното списание. Завршила Филозофски факултет во Загреб. За своето образование знаела да каже: „На училиште можеше да се научи многу, и во основно, и подоцна, во средно, и за граматика и за природа и општество, помалку за историја и за ѕвездите на небото, а за човекот и за животот – речиси ништо“.

Во младоста била исклучително убава. Сепак, животот ѝ бил обележан со неколку несреќни љубови кои, покрај заболувањата, ѝ ги отежнале студиите. Во тие години започнала врска со Пјер Брешковиќ, која несреќно завршила после 15 години. Била оставена поради друга жена, и тогаш ја напишала една од своите најславни песни „Ти која имаш раце поневини од моите“, посветена на несреќната брачна љубов.

фото фејсбук

Во 1974 година ја објавила својата прва збирка поезија „Зори и виори“ во кој се претставува нејзиниот поетски стил – чувствителен и лиричен, во кој доминираат љубовта и природата. Иако тогашната политика не била задоволна со нејзината поезија, продолжила да пишува па следувале уште неколку збирки поезија, преку кои се потврдила како поетеса преокупирана со љубовта, и токму тоа и носи голема популарност.

По неуспешната врска со Пјер, среќата ја нашла во бракот со Љубомир Жеков, поради кој се преселила во Бугарија, каде го поминала периодот од 1962. до 1968. година. Иако се вклопила во таа култура, јазикот и општеството, ни тој период не ѝ минал без проблеми, па се вратила во Загреб по разводот, сиромаштијата и политичките афери. Дом нашла во Студентскиот град каде што живеела до 2.000 година. Живеела многу скромно, често без струја и без вода, негодувајќи што живее на крајот од градот.

Во тие години го запознала Аднан Ал Маркузик, Сириец, кој дошол на студии по медицина во Загреб, но се занимавал и со поезија. До неговото враќање во Сирија времето го минувале во соживот во нејзиниот стан. Неговото заминување не значело крај на нивната врска, сепак, таа врска била обвиткана со таинственост, опишувана повеќе како братско-сестринска. Весна продолжила да го посетува во Дамаск, а повремено и тој доаѓал кај неа во Стубичка топлица, откако се разболела. Тука останала до смртта.

Во зрелите години изјавила дека Аднан е нејзиниот единствен вистински духовен двојник, маж кој најмногу го сакала и кој најмногу ѝ дал.

Не ги земала предвид советите на докторите да направи операција на штитната жлезда, туку со шал го криела грлото. Знаела да каже дека токму со тоа трето око создава и дека во тоа е целата нејзина креативност.

До крајот на животот неуморно пишувала, а нејзината соба била исполнета со хартии и необјавени ракописи. До последниот здив живеела за поезијата, до 2010 кога починала.

фото Фејсбук

За своите дела Парун е повеќепати наградувана. Запамтена е како жена со непоколеблив дух, која живеела слободно и по свои правила, неконвенционално.

Била прва жена во хрватската литература која живеела исклучително од литературата и за литературата. За храбрата литература, топла, која ги отпеала најдланоките и најскриените патења на нејзиното срце.

Ти која имаш раце поневини од моите

И која си мудра како безгрижност

Ти која умееш подобро од мене

Од неговото чело да ја прочиташ неговата самотија

И која ги отклонуваш бавните сенки

На колебање на неговото лице

Како што пролетниот ветар ја отклонува сенката на облаците

Кои пловат над брегот,

Ако твојата прегратка го храбри срцето

И твоите бедра ја запираат болката

Ако твоето име е починка на неговите мисли

Ако твоето грло е ладовина под која лежи

И ако твојата ноќ е глас на овошник уште недопрен од бури

Тогаш остани крај него

И биди попобожна од сите кои пред тебе го љубеле.

Плаши се од врисокот кој се приближува

Кон недолжните постели на љубовта

И биди блага кон неговиот сон.

Под невидливата планина

На работ на разбеснатото море

Шетај по неговата тага

Нека те пресретнат ожалостените плисоци,

Талкај по неговата шума

Добродушните гуштери нема да те повредат

И жедните змии кои јас ги скротив

Пред тебе ќе бидат понизни.

Нека ти пеат птиците кои јас ги огреав

Во ноќите на остри мразови,

Нека те милува момченцето кое го заштитив

Од интригите на пустиот друм,

Нека ти мириса цвеќето кое јас го полевав

Со своите солзи.

Јас не ја дочекав најубавата доба на неговата машкост

Неговата плодност не ја примив во своите пазуви

Кои ги пустошеа погледите на гоначите на стока на сајмовите

И на алчните разбојници.

Јас нема никогаш да ги држам за рака неговите деца

И приказните кои за нив одамна ги смислив

Можеби плачејќи ќе ги раскажам на малите кутри мечиња

Оставени во црната шума.

Ти која имаш раце поневини од моите

Биди блага кон неговиот сон

Кој остана напразен,

Но дозволи ми да го видам неговото лице

Дури на него се спуштаат непознати години

И кажи ми понекогаш нешто за него

За да не морам да ги прашувам туѓинците кои ми се чудат

И соседите кои го жалат моето трпение.

Ти која имаш раце поневини од моите

Остани крај неговата перница

И биди блага кон неговиот сон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот