Венецијанска комисија: Отсуство на соодветна јавна дискусија за првите чекори за уставни измени во Бугарија

Фото: venice.coe.int

Венецијанската комисија при Советот на Европа денеска ја претстави својата оценка за предлозите за измени и дополнувања на бугарскиот Устав. Мислењето е подготвено на барање на бугарската страна и усвоено е на 20 ноември, документот е од привремен карактер и усвоен е по итна постапка, се вели во соопштението на прес-службата на Советот на Европа. Мислењето ги разгледува предлозите за реформа на судството и обвинителството.

Венецијанската комисија изразува жалење што на првите чекори за уставните измени не претходела соодветна јавна расправа, што предлозите биле изготвени од парламентарно мнозинство, сè чини без никаков надворешен придонес и оти причините за некои предлози не се добро објаснети.

Сепак, за пофалба е што Венецијанската комисија беше вклучена во планираните измени толку рано, се додава во мислењето.

Бугарските власти мора да ги разјаснат причините за секој предлог за уставни измени и да обезбедат значајно јавно, експертско и широко политичко учество во овој процес, додава Комисијата.

Предлозите за промени што ги зголемуваат социјалните и економските права се добредојдени, но треба да се разјаснат обврските на државата да „промовира наталитет”. Ова не треба да се користи за оправдување на дискриминација на културните или етничките малцинства или на жените. Општо ограничување на правото на глас за осудените на затворска казна треба да се замени со пофлексибилно правило, според судската пракса на Европскиот суд на правдата, препорачува Комисијата.

Во врска со предлогот за намалување на бројот на пратеници во Националното собрание од 240 на 120, предложениот број изгледа произволен, без детална процена на влијанието на ваквиот потег врз бугарскиот политички систем, се вели во документот.

Поделбата на Врховниот судски совет е позитивно оценета и презентирани се препораки за понатамошна реформа во оваа насока.

Се истакнува и одлуката на Уставниот суд од 23 јули оваа година, која е поздравена и се изразува очекување дека уставните измени ќе овозможат отстранување на главниот обвинител за време на истрага или кривично гонење против него.

Комисијата, исто така, очекува создавање на можност за независна истрага на Главниот обвинител од некој кој не е подреден на него, како и за судски надзор на налозите за одбивање истрага или гонење.

Венецијанската комисија го поздрави предлогот да се овозможи поднесување на посебна жалба до Уставниот суд, како и упатување предмети од обичните судови до Уставниот суд. Комисијата смета дека ова ги подобрува личните права.

Во мислењето се вели дека предлогот за укинување на барањето за свикување на Големо национално собрание за олеснување на уставните измени не е во спротивност со европските правила. Ваква важна промена мора убедливо да се објасни, потребна е многу длабока јавна дискусија, се додава во мислењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот