Утре комеморација за Драган Б. Костиќ во МКЦ
Комеморација во чест на легендата на радиоводителството, музичкиот новинар Драган Б. Костиќ ќе се одржи утре, на 16.01 (петок) со почеток во 12:30 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Препорачано
Собирот е отворен за сите кои сакаат да оддадат почит и да се потсетат на животот, делото и оставнината на Драган Б. Костиќ, соопштија од неговото семејство и од тимот на продукцијата „Диско селектор“.
Драган Б. Костиќ почина на 20 декември 2025 година, на 75-годишна возраст.

Драган Б. Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје, а својата долгогодишна и влијателна кариера ја изгради во Македонското радио, каде остави длабока трага во домашната радиофонија. Најшироко е познат како автор и водител на култните емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“.
„Диско селектор“, кој започна со емитување на 29 јуни 1974 година, со децении беше музички репер за неколку генерации слушатели. Емисијата „Заборави ако можеш“ стартуваше во 1991 година и до 2013 година го достигна своето 4.500-то издание.
По повод 30-годишнината од „Диско селектор“, во јуни 2004 година, Костиќ организираше голема музичка забава на лизгалиштето во Скопје, која собра околу 6.500 посетители и остана запаметена како еден од најмасовните музички настани од тој тип.
Тој е автор и на други популарни радио-формати како „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“. Познат беше и како исклучителен колекционер на музика, со колекција од над еден милион аудио записи, една од најголемите во регионот.
Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони.
Со заминувањето на Драган Б. Костиќ, македонската медиумска и музичка сцена изгуби голем професионалец и автентичен хроничар на музичките времиња.
Почина Драган Б. Костиќ – еден од најпрепознатливите гласови во историјата на Македонското радио


