Усвоен закон со 40 гласа „за“ и 23 „против“: Њујорк ја легализира марихуаната
Членовите на Конгресот на државата Њујорк усвоија закон со кој се легализира употребата на марихуана за возрасни, со што Њујорк стана 15-та американска сојузна држава што ја легализира дрогата за рекреативни цели. Законот беше усвоен со 40 гласа „за“ и 23 „против“.
Државниот обвинител во Њујорк, Летиша Џејмс по гласањето рече дека легализацијата на марихуаната е императив на кривичното право и дека овој чекор е клучен за поправеден систем.
Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо изјави дека едвај чека да го потпише законот, пренесува агенцијата Ројтерс.
– Њујорк беше прогресивен главен град на оваа држава низ историјата, и овој важен закон продолжува по тој пат, посочи Куомо.
Одлуката беше поздравена и од групата која се залага за легализација на марихуаната, НОРМЛ, која посочи дека секоја година десетици илјади њујорчани се апсат за помали прекршоци поврзани со таа дрога и дека повеќето од нив се млади, сиромашни и со обоена кожа.
Администрацијата на демократскиот гувернер, Ендру Куомо претходно процени дека легализацијата може да и донесе на државата околу 350 милиони долари годишно.
Законот дозволува рекреативна продажба на марихуана на возрасни над 21 година и воспоставува постапка за издавање лиценци за доставување производи од канабис на клиенти. Њујорчани ќе можат да растат до три зрели и три незрели растенија за лична употреба.
Законот ќе стапи на сила веднаш, но продажбата ќе започне само за година и пол до две години.