У19: Се крои националниот состав пред настапот на ЕП 2022

фото: vfmkd.mk

Паралелно со генерацијата 2004, се одвиваше и тренажен процес за одбојкарките родени 2006 година, ќе учествуваат во квалификациите за Европското првенство 2021.

Селекторот на македонската репрезентација за одбојкарки до 19 години, Ненад Михајловиќ, одбра 26 одбојкарки кои од утре до четврток ќе тренираат во Крушево, на првиот камп во создавањето македонски национален состав за настап на Европското првенство во 2022 година.

Во соработка со неколкумина македонски тренери, српскиот стратег одржа селективни тренинзи во четири градови, по што од вкупно 96 одбојкарки, се реши за пократок список со потенцијални кандидатки за дресот со државен грб.

Михајловиќ во Скопје работеше со 47, во Битола со 15, во Штип со 12, а во Струмица со 22 одбојкарки од генерацијата 2006. Според неговите најави од почетокот на изборниот процес на 6 август, девојките коишто не се на скратениот список за кампот во Крушево ќе останат во комбинација за учество во нашата репрезентација, се разбира доколку напредуваат во периодот до ЕП кое е предвидено за две години.

фото: vfmkd.mk

Другите, пак, ќе имаат уште една шанса да се наметнат уште повеќе и да ги прифатат методите на работа на селекторот во наредните шест дена. Емилија Јаничиќ од Вардар ЕМ, Роберт Митковски и Александар Димовски од Пелистер волеј, Никола Јаневиќ од Јанта волеј Форца, како и спортскиот директор Горан Јаневиќ и координаторката за женска одбојка кај нас, Емилија Терзиевска, ќе му помагаат на Михајловиќ на кампот во Крушево, каде што ќе бидат одржани вкупно 10 тренинзи.

Досега сè мина според планот. Имаше ред и дисциплина, сите кандидатки работеа посветено, беа мотивирани, исто како и колегите тренери. Сите тренинзи беа содржајни, без исклучок – координаторката Терзиевска кратко и прецизно го сумираше селективниот сегмент.

Одбојкарскиот клуб Јанта волеј Форца ќе биде претставен со девет одбојкарки на кампот во Крушево: Калина Пејовска, Ива Чадиковска, Мери Бошковска, Ангела Трајкова, Анастасија Овнарска, Ива Стојкоска, Катерина Чочовска, Ира Делеска и Надица Антеска. Од Вардар ЕМ повикани се пет девојки: Ана Јаничиќ, Теодора Шукуловска, Зорана Станковска, Кала Дренковска и Марија Василевска. Добрина Хаџи Тосева, Тинка Недева и Марија Пакетова го носат дресот на Наковски волеј, Мила Вакувска, Мила Долдурова и Јасна Смилков на УГД Студент, а од битолски Пелистер волеј на списокот се Стефани Најдановска, Меланија Каралиоска и Анастасија Ристевска. Марија Митева игра одбојка во Виктори волеј, Теодора Бојков во Борец, а Клара Блинков е членка на Фит Фан волеј.

Паралелно со генерацијата 2004, се одвиваше и тренажен процес за одбојкарките родени 2006 година. Тие ќе учествуваат во квалификациите за Европското првенство 2021, а со оглед дека поради коронакризата летово немаше Балканијада, ОФМ реши да пријави учество на репрезентацијата во оваа возрасна категорија. На селективните тренинзи настапија вкупно 88 девојчиња, 35 од Скопје, 31 од Струмица, 15 од Битола и седум од Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот