Треба ли да ги вклучиме домашните миленици во пописот?

Фото: МИА

Центарот за благосостојба при Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје во соработка со Ветеринарниот универзитет од Виена ги истражува моралните и етичките норми во нашето општество кон домашните миленици.

Во континуитет сме сведоци на многубројни протести и спротивставени мислења во врска со односот на нашето општество кон животните. Целта на истражувањето ни е да ја процениме мотивацијата кај луѓето за грижата кон домашните миленици и да дадеме слика за постоење различни групи во нашето општеството со дијаметрално спротивни мислења за односот кон животните. Во оваа фаза од истражувањата претежно беа опфатени граѓани што чуваат миленици.  Дури 93 проценти од испитаниците се на мислење за своето куче како на рамноправен член на семејството и од нив 83 отсто би сакале во пописот на населението да има прашања за милениците.

Во моментов во Агенцијата за храна и ветеринарство на РС Македонија има регистрирано повеќе од 80.000 миленици, ако ги додадеме нерегистрираните кучиња претежно во руралните средини како и бездомните кучиња и мачки сигурно таа бројка би се зголемила на повеќе од 150.000, што претставува нешто под 10 отсто од вкупното население што живее во РС Македонија.

Неодамна на социјалните мрежи имаше објава дека бездомно куче откако било стерилизирано и вратено на местото каде што било заловено од страна на ЈП „Лајка“, кучето самоиницијативно се вратило во објектите на ЈП „Лајка“. Уште еднаш се потврдува фактот дека животните имаат висок степен на развиен eмоционален систем. Ваквиот пример оправдано може да нѐ доведе до прашањето: „Чувајќи ги домашните миленици, дали им го забрануваме правото на избор?“ На крајот на краиштата, ние животните ги внесуваме во нашите животи затоа што ги сакаме, диктираме што да јадат, каде да живеат, како да се однесуваат, како да изгледаат, или, пак, одлучуваме дали треба да ги кастрираме.

Истите испитаници што го сметаат своето куче како рамноправен член на семејството, на поставеното прашање дали милениците ги сакаат повеќе отколку што ги сакаат другите членови од семејството, позитивно одговорија само 24 отсто. На прашањето дали миленикот го сакаат повеќе од сопственото дете, можеби изненадувачки за нашето општество 5,4 отсто одговорија исто така позитивно.

Во нашето општество историски кажано пристапот кон животните значително се изменил. Во 19 век и во првата половина на 20 век, повеќето животни во сопственост на домаќинства биле одгледувани како фармски животни. Меѓутоа, во втората половина на  20 век, во сѐ поголемото урбано живеење, животните почнаа да се карактеризираат како домашни миленици, со сѐ поголема емотивна врска помеѓу сопствениците и нивните миленици. Тие ги сметаат за дел од своето семејство, ги сметаат за нивни најдобар пријател и никогаш не би ги продале за пари. Во исто време, во нашето истражување 73 отсто се согласија со констатацијата дека емоциите кај кучињата се исти како кај луѓето. Со ваквото изедначување помеѓу луѓето и животните, логично е да си го поставиме прашањето: Колку е етички и морално оправдано да ги чуваме животните?

Ако го погледнеме правниот статус на животните, тие се третираат како сопственост и покрај тоа што во Лисабонскиот договор на Европската Унија од 2007 година, кој е основа за идниот Европски устав, во член 13 се наведува дека животните се чувствителни суштества. Третирањето на животните како сопственост не е ново, во светски рамки животните се предмет на трговија, исхрана, но сепак тој факт можеме да го гледаме како спротивност со фактот дека животните се чувствителни суштества.

Можеме да кажеме дека за дел од општеството таквиот пристап е морално проблематичен, бидејќи тие на домашните миленици им даваат карактеристика како на луѓе и имаат силни меѓусебни емотивни врски. Има примери во светот (во некои држави од САД) каде што има обиди регулативата да се надгради, каков што е примерот на додавање законски одредби за домашни миленици според легислативата за заштита од семејно насилство.

Пред да заклучиме дека сме стигнале далеку, да се свртиме кон реалноста. Сведоци сме за големиот број бездомни животни, случаи на малтретирање животни, организирање борба со кучиња, што укажува дека голем дел од популацијата сѐ уште го нема достигнато нивото на третирање на животните како чувствителни суштества. Во РС Македонија има регистрирано 16 прифатилишта за бездомни животни каде што секојдневно се третираат, се вдомуваат и одреден број од нив се враќаат повторно на улица. Големиот притисок од јавноста, активностите на невладините организации, присутноста на социјалните медиуми и организирањето јавни протести, укажува дека постои критична маса луѓе, кои сметаат дека нормата за чувствителни суштества треба да бидат општоприфатена. Но, сепак, во нашата студија на прашањето кога кучето ќе доживее длабока старост дали би го однеле на ветеринар да биде евтаназирано, 64,1 отсто од испитаниците се согласиле дека би го направиле тоа. Сепак, и покрај големата емпатија и изедначување на кучињата со луѓето, повеќе од половината сметаат дека имаат право да го направат успивањето поради старост, што води кон заклучок дека тие сопственици кон своето куче се однесуваат како кон сопственост.

Засега, аргументот околу тоа дали треба да поседуваме животни е главно теоретски. Ако од кратката историја на сопственост на миленичиња може да научиме нешто, тоа е дека нашиот став кон животните е во континуитет променлив. Сега имаме илузија дека домашните миленици имаат повеќе глас отколку во минатото поради големото присуство на домашните миленици на социјалните медиуми, нивното хуманизирање, со духовити коментари од нивните „родители“. Логичната последица од таквиот пристап е дека колку повеќе им припишуваме хумани карактеристики на домашните миленици, толку помалку имаме право да го контролираме секој аспект од нивниот живот.

Она што е сигурно дека културните трендови доаѓаат и си одат треба да си го поставиме прашањето: Колку повеќе мислиме на домашните миленици како на луѓе, толку помалку е етички оправдано да ги чуваме?

Нашето истражување продолжува и понатаму и се надеваме дека поголем број испитаници ќе учествуват во нашата анкета, со цел да ја согледаме перцепцијата на целото наше општество со оваа проблематика, а е значаен дел од нашето приближување кон Европската Унија. За сите оние што се заинтересирани да учествуваат во истражувањето, ве молиме да одговорите на анонимната анкета на следниот линк:( https://docs.google.com/forms/d/1PsQ2xbF5FPvbP9W0Cyoqa5fiC5pXAAByTyfIWeyqeAQ/edit )

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот