Треба да се бара решение со Бугарија додека трае француското претседателство со ЕУ, вели Маричиќ

Фото: Влада на РСМ

Заменик-претседателот на Влада задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во своето обраќање на форумот „100 дена Влада“ ги презентираше состојбите и напредокот во процесот на преговори со Република Бугарија за отстранување на ветото, како и за подготвеноста на земјата во евроинтегративниот процес.

„По првпат во процесот на преговори со Бугарија воспоставивме систем на рационални разговори, разговори коишто се водат на повеќе теми, разговори коишто даваат диверзификација темите на кои разговараме. Процесот престана да биде заробен само од одредени прашања, пред сè поврзани со историјата и тој нов пристап и нова енергија даваат резултати без разлика на сите пречки“, истакна Маричиќ, додавајќи дека Владата се обврза тој дијалог да се води достоинствено и во духот на европските вредности и досега се реализирани конкретни заеднички проекти, има успешна работа во рамки на петте работни групи.

Тој вели дека оваа година за време на француското претседателство треба да се направи обид за сериозен напредок и решение, бидејќи Франција е една од највлијателните држави во ЕУ, а и претседателот Макрон се залага лично за напредок на евроинтеграциите на Западен Балкан.

„Јас мислам дека траекторијата на движење која ја воспоставивме со новиот пристап со владата на Бугарија е таа што единствено може да не доведе до некаков успех“, рече тој.

Во однос на подготвеноста за евроинтеграцискиот процес, вицепремиерот рече дека Македонија имала периоди и на напредок и на назадување, дека е прва држава која ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години го има статусот на кандидат.

„Последните пет години се период на интензивен напредок во делот на евроинтеграциите и тоа време треба да се верификува. Ако гледаме и по податоците во процесот на Стабилизација и асоцијација, кој трае веќе скоро 20 години и по сите оние напори што ги правиме во редовното известување кон ЕУ, имаме ниво на 45% подготвеност или усогласеност со системот на ЕУ“, истакна Маричиќ.

„Тоа не е малку, и ветува дека кога ќе ги почнеме преговорите тие нема да траат премногу во однос на исполнувањето на условите и усогласување на нашиот систем. Најдобар репер за тоа се извештаите на Европската комисија“, посочи тој, подвлекувајќи дека во последните четири години земјата добива добри извештаи кои ги верификуваат успесите, но ги препознаваат и слабостите, коишто даваат мотив да се продолжи напред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот