Трајното згрижување на уличните кучиња би било скапо и крајно неефикасно решение, тврдат од „Анима Мунди“

Фото: Слободен печат

Како да се реши проблемот со бездомните кучиња во Скопје и како да се намали нивниот број по градските улици е прашање кое институциите во државава си го чуваат под „тепих“ со години и чие решавање го одложуваат за некои други времиња. Во меѓувреме, единствено со уличните кучиња се занимава ЈП „Лајка“ и здруженијата за заштита на животни, кои прават обиди што повеќе кучиња без сопственици да се вдомат и така да се тргнат од улиците. Но, како што може да се види на терен нивните напори не ги даваат посакуваните резултати.

Во градов нема прифатилишта каде би можеле трајно да се згрижат повеќе животни, ниту пак се размислува да се изгради. Дури, здружението „Анима Мунди“ е категорично против ваквата идеја затоа што, според нив, прифатилишта за трајно згрижување не се решението на проблемот. Оттаму наведуваат повеќе причини поради кои сметаат дека тоа не е добро решение, пред сѐ затоа што во Скопје популацијата на бездомни кучиња брои помеѓу 2000 и 5000 единки, а поради несанкционирање неодговорни сопственици и нерегистрирани одгледувачници, како што велат, постојано има прилив на нови напуштени кучиња на улица или потомства на напуштени милиеници.

Од чисто логистички и прагматичен аспект, да сместите толку многу кучиња на едно место е практично невозможно, бидејќи тоа би подразбирало огромен простор кој би имал толкав сместувачки капацитет, голем број на вработени и големи трошоци за храна, режиски трошоци, одржување,чистење, лекување итн. За илустрација, ако таквото трајно згрижување на едно куче би чинело само едно евро на ден, за илјадници кучиња дневниот трошок би бил илјадници евра. Понатаму, тој објект би требало постојано да се проширува за да може да ги акомодира новите единки кои неодговорните сопственици би ги исфрлале на улица. Значи, освен што трајното згрижување би било скапо „решение” би било и крајно неефикасно – одговараат од „Анима Мунди“ на прашањето дали сметаат дека изградба на големи трајни прифатилишта низ државава би помогнала да се реши проблемот со кучињата на улиците.

Според нив, единствено решение кое дава докажани резулати е програмата: „Залови, стерилизирај, врати“ и дека проблемот би се довел под контрола со стерилизација на 75% од репродуктивната популација.

Стерилизираните/кастрираните единки се со смирен хормонален статус, помалку склони на формирање глутници и натпреварување поради парење, вакцинирани, со што се заштитени од заразни болести и зоонози и остануваат на веќе позната територија со што спречуваат да се населат нови едники. Најчесто станува збор за маалски миленици, тие не се „скитници” туку „локалци” стационирани на една територија чие име го знаат граѓаните кои таму живеат. Затоа решението на проблемот го гледаме во масовна стерилизација – велат од Здружението.

Нивниот став е дека наместо да се трошат средства на справување со последиците, државата треба да ги санкционира оние кои директно го предизвикуваат или продлабочуваат проблемот.

Не може да очекувате да се воведе контрола ако секој прави како сака и не одговара за своите постапки. Покрај неодговорните сопственици, нерегистрираните одгледувачници директно продонесуваат за зголемен број на напуштени миленици, а само профитираат, не плаќаат данок ниту регистрација, а кучиња се увезуваат и од странство. Одредени раси достигнуваат цена и од неколку илјади евра, но над оваа трговија не се води никаква контрола – тврдат од „Анима Мунди“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот