Тивка окупација и поделба на Македонија?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Бугарите ја насетија несигурноста и попустливоста на власта, па ја засилија својата пропагандна машинерија и почнаа отворено да ги поставуваат своите санстефански барања наедно и со отворарањето клубови со имиња на злогласни фашисти со што плански си ја тераат својата агенда.

Отсекогаш сум настојувал да го слушам гласот на народот и јавно да го пренесувам неговото мислење и страдање. Најсигурен сум и цврсто стојам зад моите ставови кога кажувам за проблемите, за барањата и за негодувањата, за јадосувањата и за се друго добро и лошо што ни се случува во државата и општеството. Се спротивставувам и не се согласувам со писанијата на некои „големи“ колумнисти и аналитичари, божемни инсајдери и познавачи на науката, впрегнати советници и послушници со апологетско настроение и поклонение кон политичките водачи.

Најмногу очи ми бодат застапниците на престапниците и бранителите на она што не може да се одбрани поради голата вистина. Тие напаственици понекогаш се толку перфидни, што напати помислувам дека се самоосвестуваат за преферирањето на поданичноста и глупоста, но набрзо ме разуверуваат со менувањето на ставовите според потребите и небулозните тврдења за какви било невистини?! За конформизмот, полтронизмот, алчноста и за другите нивни пороци и да не зборуваме?!

Во ваква констелација на збиднувањата и исклучително тешката економска состојба во која царува незаконитоста, криминалот и корупцијата, најголем камен на сопнување остана играта околу отпочнувањето на преговорите со Европската Унија и подготовките на власта за отворање на Уставот на Република Македонија за ставање во преамбулата на „кутрите обесправени Бугари“ како услов за кревање на ветото?! Освен тоа, како ништо друго да не постои што го кочи развојот, па се е фокусирано на создавање атмосфера за нова ујдурма и продолжено обезземјување на земјата за поцелосно институционално бугаризирање и албанизирање на Македонија. Наскоро Македонците има да ги нема, а ќе бидеме среќни и задоволни, ако ни остане државата северна нерасподелена и одржлива само во географска смисла на зборот?!

И, замислите, ова треба да биде наша заложба за отпочнување на преговорите со отворање на првото од 36-те поглавја за да се оствари некаква мисловна перспектива за влез во Унијата?! Соочена со проблемот за обезбедување мнозинство во парламентот за ставање на Бугарите во Уставот и задоволување на посебните барања на Албанците, власта отпочна маркетиншка пропаганда како во предизборна кампања, иако „не помислува“ за предвремени парламентарни избори?! И Европа се крена на нозе, божем загрижена за проширувањето на унијата и засилено испраќа свои претставници за објаснување на „придобивките“ со исполнувањето на желбите на Бугарите?! Дури и германскиот претседател при неодамнешната посетата не убедуваше дека ништо нема да изгубиме ако ги ставиме Бугарите во преамбулата на уставот, ама и ништо нема да добиеме, зашто никој не може да гарантира за нашето сигурно влегување во ЕУ?! Значи, истото ни се случува како пред Преспанскиот договор, кога бевме залажувани и убедувани дека сигурно ќе ги започнеме преговорите со Европската Унија и, еве, гледате колку сме ги започнале?!

За чудно чудо еден „неутрален“ и вдахновен аналитичар тврди дека ова нема да помине бидејќи „оската: Москва-Будимпешта-Белград со своите краци во Софија (Каракачанов, Радев, Костадинов) и во Скопје (Апасиев и Мицкоски), постојано ќе работи на случајот Македонија и Бугарија константно да се во лоши односи…“ зашто тоа им одговарало на Русите кои и натаму ќе ја држеле тензијата на Балканот со фокус на нашево невралгично подрачје?!

Бугарите ја насетија несигурноста и попустливоста на власта, па ја засилија својата пропагандна машинерија и почнаа отворено да ги поставуваат своите санстефански барања наедно и со отворарањето клубови со имиња на злогласни фашисти со што плански си ја тераат својата агенда за посвојување на историјата и културата на Македонија со заматување на умовите на актуелните водачи дека Македонците имаат бугарски корени и дека се е овде бугарско без свој идентитет и македонски јазик?!
Ова неодамна јавно и јасно и гласно ни го казжа Костадин Костадинов, лидер на националистичката и етношовинистичка партија „Преродба“, при отворањето на бугарски културено- информативен центар во сред Скопје, кога изјави дека „Македонија е бугарска и дека сме еден народ во две држави, а Бугарија се протега од Црното Море до Охрид“?!

Но, кој во центарот на Македонија им го дозволува ваквото настапување на бугарските националисти и неофашисти?! Споменатиот аналитичар вината ја префрла врз самите граѓани Македонци кои дозволуваат безредие и ширење на криминалот и корупцијата: „Колку пати сум ви кажал дека јас на Македонец не би му дал три овци да чува, камо ли држава да води. Бидејќи двете ќе ги украде, а третата ќе ја пушти, не дека и таа не сака да ја здипли, туку бидејќи не ќе може под мишки да ја стави. Таква ни е душата. Крадлива. Таков ни е генот: корумпиран“.

Брзо ја сфатив пораката на овој душегрижник дека лекот бил во попуштањето и во правењето отстапки за побрзо влегување во ЕУ, за да профункционира вистинскиот правен систем и Европјани да ни го решат безредието?! Какво ли откритие, кабаетот да се префрли на обичниот граѓанин, зашто одговорните не се ниту кадри ниту способни да се фатат во преграп со кризата?! И се така, некако на рака им оди на Бугарите, кои не биле фашисти, ниту окупатори, туку администратори и наши ослободители?!
За жал, вакви и слични приказни за мали деца ни раскажуваат и наши политички водачи, а со голема перфидност ги протежираат бугарските членови на заедничката историска комисија за усогласување на историите на двете држави со притисок за прифаќање на „научната“ вистина од бугарската „magistra vitae“?! Така, многу лаици, квази историчери, а и наши познати и забегани интелектуалци не убедуваат да и погледнеме во очи на вистината, како што вели еден наш „големски“ дипломат за да ја сфатиме нашата историографија, која „заштитена од моќната југословенска федерација, можела непречено да врши селекција на историската граѓа за македонската нација, па каде пишувало Бугарин да пречкрта и да напише Македонец“?! Своето видување господинот го изградил врз исечок на текст од некој дописник на весникот „Њујорк тајмс“, кој во 1903 година пишувал за бунтот на „бугарското“ население во Крушево на Илинден?! За срамота, интелектуалец од ваков калибар да не прочитал ништо друго за македонското потекло освен тој бугарски памфлет, а и да „не знае“ за Конески, за неговата Историја на македонскиот јазик и Историската фонологија, како и за други светски признати научни дела од славистиката?!
Ете такви поданици и предавници не подучуваат, не понижуваат и заслепуваат, ни ги „вадат очите“ како на Самоиловите војници, за да не гледаме што ни се случува и кој за сето ова одлучува?! И, најпосле, има ли некој наш македонски граѓанин што верува дека ова не е тивка окупација и поделба на Македонија?!

Авторот е писател

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот