Тимот на Тшасковски бара поништување на претседателските избори во Полска
Полските медиуми денеска јавија дека тимот на Тшасковски и неговата партија го повикуваат Врховниот суд да ги прогласи изборите за неважечки.
Изборниот тим на градоначалникот на Варшава, Рафал Тшасковски, главниот противник на Анджеј Дуда на последните претседателски избори, бара да се поништи гласањето, тврдејќи дека се забележани многу нерегуларности.
Тшасковски, кандидатот на најголемата опозициска партија Граѓанска платформа, на изборите на 12 јули загуби со мала разлика од актуелниот претседател Анджеј Дуда, освојувајќи 48,97 проценти од гласовите, додека Дуда доби поддршка од 51,03 отсто од гласачите.
Градоначалникот на Варшава претходно го призна поразот од Дуда.
Сепак, неговиот тим и партијата Граѓанска платформа минатата недела вложија протест пред Врховниот суд, тврдејќи дека државните медиуми и владата биле неправедно вклучени во јакнењето на кампањата на Дуда, како и дека не можеле да гласаат сите Полјаци во странство.
Полските медиуми денеска јавија дека тимот на Тшасковски и неговата партија го повикуваат Врховниот суд да ги прогласи изборите за неважечки.
Судот има време до 3 август да донесе одлука за вложениот протест и уште 6.000 други поднесени пријави.