Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Темната страна на Земјата

Науката веќе нѐ отпиша. Политичарите и индустријата уште одамна. Последните оптимисти меѓу научниците, сепак, не се откажуваат. Ние немаме каде од нашиот котел, но велат сѐ уште не е предоцна да ја спречиме водата да зоврие.

Темнината, велат, е отсуство на светлина.

Вечерва милиони луѓе во своите домови ќе поминат еден час во темнина. Во точно 20.30 часот ќе ги изгаснат светилките, давајќи го својот скромен придонес на глобалната акција наречена Час на планетата Земја. Еден час.

Темнината од тие стотици илјади домови веќе 14 години по ред треба да биде светилник дека е крајно време да се стори нешто повеќе и нешто поконкретно за спас на Земјата, да ја почитуваме природата и нејзините закони и да го вратиме изгубениот планетарен баланс.

Светскиот фонд за природа го промовира едночасовниот мрак како тревога за зачувување на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење. Во темнина еден час ќе останат историските споменици – Ајфеловата кула и Триумфалната капија во Париз, Колосеумот во Рим, Биг Бен и Бакингемската палата во Лондон, Емпаер стејт билдинг во Њујорк и Операта во Сиднеј, каде што оваа акција всушност почна во 2007 година.

Ефектите може да се забележат и од вселената, на сателитските снимки, па и од астронаутите на Меѓународната вселенска станица, кои исто така понекогаш ги гаснат непотребните светилки. Во Торонто во 2013 година на пример, за еден биле заштедени 205 мегават-часови, колку што вообичаено трошат 92.000 домови. Во Банкок, пак, биле заштедени 1,7 гигават-часови односно емисија на 1.073 тони јаглерод диоксид во атмосферата. На Филипините во тој час како да биле сосема исклучени 12 електроцентрали на јаглен. Локално значително, глобално премалку.

Критичарите на оваа акција укажуваат дека дава привид дека граѓаните со еден час поминат во темнина ќе го оправдаат за безмерното трошење на енергијата во другите 364 дена и 23 часа. Други забележуваат дека оваа акција воопшто не ги вознемирува главните енергетски компании, кои во јагленот и нафтата гледаат профит, а не егзистенцијална закана. Да не говориме за рударите што цицаат струја како цели држави за да ископаат некој цент од виртуелните биткоини.

Ни Часот на Земјата ни сите акции на Светскиот фонд за природа самите нема да ја спасат планетата. Само ни даваат пример дека тоа мораме да го направиме сите заедно. Но, не се ни за потценување. Во 2015 година, на пример, часот на изгаснати светилки поттикнал 600.000 еколошки акции од влади, компании, здруженија и граѓани. Акцијата придонесува за зголемување на притисокот врз институциите за измена на закони и правила и за построги инспекции за нивното спроведување.

И Македонија, 12-та година по ред, ќе се придружи на оваа планетарна еколошка акција што вечерва ќе се практикува во најмалку 8.000 града во повеќе од 180 земји. И вечерва, во тие 60 минути во домот со изгаснати (па и со вклучени) светилки спроти полицискиот час, присетете се на приказната за жабата. Уште пред два века љубопитни научници ставиле жаба во вода и почнале бавно да ја загреваат. Жабата не реагирала на благото загревање на средината во која е привикната да опстојува, се однесувала нормално дури ни кога температурата станала неиздржлива и кога водата зоврела. Се сварила жива.

Така е и со нас. Немаме вроден нагон да реагираме на постепеното зголемување на температурата на атмосферата, копното и океаните, на кршењето на вечниот лед на поларниот север и Антарктикот, на топењето на глечерите и кревањето на морето, на зачестените суши, порои, урагани и тајфуни, зашто се одвиваат бавно. Но, тие неповратно се приближуваат до точка на вриење, до неиздржлива ситуација на која ние веќе сме се привикнале како да е најнормална.

Само, има голема разлика помеѓу жабите и луѓето. Нови и нови истражување повеќепати потврдиле дека сепак постои момент кога кај предметот на експериментот се активира разумот, станува свесен колку е критична ситуацијата, па скока надвор од убиствената средина пред да зоврие жив. Се разбира – жабата.

Науката веќе нѐ отпиша. Политичарите и индустријата уште одамна. Последните оптимисти меѓу научниците, сепак, не се откажуваат. Ние немаме каде од нашиот котел, но велат сѐ уште не е предоцна да ја спречиме водата да зоврие. Еден час годишно поминат без светилки секако не е доволно, но може и мора да биде зрак што конечно ќе нѐ просветли. Пред да ни се стемни на сите, еднаш и засекогаш. Спокојно, без воопшто да почувствуваме.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот