Таков клуб ќе нема друг!

Соња Христовска / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

По „средувањето“ на имињата со законските измени на Законот за здруженијата, со кои се обезбеди никогаш повеќе да не се повампируваат историските вампири, редно е да бидат „средени“ и статутите на бугарските „клубови“ на начин што ќе бидат спакувани во обвиненија за основачите.

Од клуб на клуб, на крај во… ликвидација. Гласна, иако задоцнета, е едногласноста со која македонските партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица и СДСМ законски ги ликвидираа бугарските клубови во Битола и во Охрид – „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. По три месеци отсега овие скандалозни и неприфатливи имиња ќе ги нема во македонскиот Регистар. Битолскиот и охридскиот бугарски клуб или ќе си најдат нови називи или ќе завршат на историското буниште до кое, вака или онака, бугарското ѓубре секогаш си го наоѓа патот.

Двете бугарски здруженија наречени според имињата на фашистичките соработници и другари на светскиот крвник Адолф Хитлер, ако сакаат да постојат кај нас и да „шират бугарска култура“, ќе треба добро да промислат каков назив ќе си одберат. Имаат рок од три месеци да се преименуваат, а ако не сакаат, ќе ги ликвидира министерот за правда. Тоа е – правдата. Задоцнета, ама ќе стигне.
Оти, тоа не се никакви клубови за бугарската култура, туку машини за бугарските провокации. За понижување и за негирање на нас Македонците во нашата сопствена држава и тоа врежано на ѕид! За нескриено изразување на територијалните претензии на Бугарија до Охридско Езеро, па и преку него! За делење и за разјадување на македонското национално ткиво, кое оваа деценија боледува, па е многу кревко. Насобрани клубови, како хиени наакани на крв!

Не се тоа ни клубови за заштита или за какво и да е унапредување на правата на македонските Бугари кај нас. Оти да беа, поинаку ќе се викаа. Не може некојси охридски или битолски Бугарин ем да се чувствува угнетен во Македонија, ем дрско да го рехабилитира негаторот Михајлов среде Битола и да го слави окупаторот Борис среде Охрид! Тие ликови или се во когнитивна дисонанција и во шизофренија или се јасно инструирани од националистичките центри во Софија, кои до ден-денес не си ги кријат ни картите ни лигите што им ги растекува големобугарскиот апетит кон Македонија! Не, не се тоа клубови на непризнато малцинство во посткомунистичка диктатура, туку испостави на поранешен окупатор што поминал три национални катастрофи за Македонија да е бугарска, а од четвртата го брани денешниот светски поредок! Инаку, можно е и дека би тргнале…

По „средувањето“ на имињата со законските измени на Законот за здруженијата, со кои се обезбеди никогаш повеќе да не се повампируваат историските вампири, редно е да бидат „средени“ и статутите на бугарските „клубови“ на начин што ќе бидат спакувани во обвиненија за основачите. Обвинителствата во Охрид и во Битола нека подзабрзаат малку со предистрагата, оти не треба многу долго време за да се изанализира дека рехабилитациите на Михајлов и на Борис се насочени кон уривање на уставниот поредок на Македонија, кон разгорување на национална и верска нетрпеливост или, пак, дека тоа претставува здружување заради непријателска дејност што се казнува со најмалку 4 години затвор!
Дури и премиерот Димитар Ковачевски, иако не смее да се меша, неодамна дискретно се замеша сугерирајќи дека и други надлежни органи можат и треба да се позанимаваат со двете здруженија. А Комисијата за заштита од дискриминацијата, пак, веќе донесе одлука дека со регистрацијата на „Михајлов“ е извршена дискриминација врз целиот македонски народ и наложи да се смени спорниот статут на здружението.

Без имињата, секако ќе ги нема ниту статутите. А, ако и Обвинителствата се потрудат да покажат дека Македонија како правна држава ги испраќа внатрешните непријатели зад решетки, ќе се обезбеди повеќе да не се ни помислува на слични здруженија, па ни несудениот „Цар Фердинанд“ ќе се регистрира во Богданци, ниту пак ќе никнуваат слични во Куманово, Штип, Струмица… со имиња мотивирани од Санстефанска до Тодорживкова Бугарија.

Овде се прифатливи само неутрални имиња на бугарски клубови, како „Софија“, „Македонско-бугарско пријателство“, „Пирин“, „Балкан“ итн., па зошто да не и „Никола Вапцаров“, „Григор Прличев“ „Георги Димитров“ или „Димитар Талев“. Секако, и клубови „Елизабета Багрјана“, „Алеко Костантуинов“, „Иван Вазов“ и ред други, за да чуеме и да научиме повеќе и ние во Македонија за значајни бугарски културни дејци, па со сфаќање на нивните дела навистина и да се зближиме како народи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот