Светот има резерви од шеќер за само 68 дена

Светот во моментов има резерви од шеќер само за 68 дена за да ги задоволи своите потреби. Ова е голем пад во однос на 106 дена од пред 13 години. Резервите почнаа да се намалуваат уште во 2020 година, покажуваат податоците на американското Министерство за земјоделство (USDA) кои вчера ги објави „Јуроњуз“.

Како што е наведено, залихите се на најниско ниво од 2010 годинa. Со шеќерот кој се користи во многу индустрии, моментално се тргува по највисока цена во последните 12 години. Причината за тоа се главно намалените глобални залихи по невообичаено сувото време, што влијаеше на намалувањето на производството во Индија и Тајланд – земјите кои се втор и трет најголем извозник во светот.

Експертите забележуваат дека цените почнаа нагло да растат на почетокот на оваа година. Тогаш Тајланд ефективно го сврте пазарот и воведе контроли на цените на шеќер за прв пат од 2018 година. Цените беа зголемени за да им помогнат на земјоделците да се справат со зголемените трошоци за производство.

– Сето тоа придонесува за несигурност во трговијата со храна, поради комбинираните ефекти од климатскиот феномен „Нињо“, војната во Украина и послабите валути. Побогатите западни земји можат да ги апсорбираат повисоките трошоци, но посиромашните се борат, се вели во анализата, истакнувајќи дека Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации предвидува пад од два отсто на глобалното производство на шеќер во сезоната 2023-2024, во споредба со претходната година , што ќе доведе до загуба од околу 3,5 милиони тони, изјави Фабио Палмери, истражувач на ФАО за глобалниот земјоделски пазар.

„Нињо“ на глобално ниво предизвикува се поекстремни временски услови од суши до поплави. Кога станува збор за шеќерот, нестабилноста е предизвикана од тоа што тој се повеќе се користи за биогорива како што е етанолот, така што светските резерви на шеќер се на најниско ниво од 2009 година.

Сепак, прогнозите се дека жетвата во Бразил ќе биде за 20 отсто поголема од минатата година. Бидејќи земјата се наоѓа на јужната хемисфера, зголемувањето на глобалните залихи нема да се случи до март следната година. Земјата имаше поволни временски услови, но Бразил значително ја зголеми и површината под шеќерна трска, според податоците на USDA.

Најголемата грижа за следните неколку месеци, вели Палмери од ФАО, е што зголемената потрошувачка на шеќер не ги оптоварува дополнително резервите на оваа храна.

Тој посочи дека Индонезија, најголемиот увозник на шеќер минатата година, го намали увозот, а Кина, број два увозник, беше принудена да го ослободи шеќерот од своите резерви за да ги компензира високите цени на домашниот пазар за прв пат по шест години.

Да потсетиме, светската цена на шеќерот нагло порасна и имаше месечен скок од 6,9 отсто во февруари годинава, што уште еднаш создаде конфузија на пазарот. За Европа, од клучно значење беше тоа што Франција, како главен производител, очекува најслабо сеење шеќерна репка во последните 14 години. Сушата, болестите и пресудата на судот на Европската унија за забрана на пестицидот што се користи за заштита на шеќерната репка резултираше со помали засеани површини во таа земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот