Судскиот совет ја отфрли вистината што ни ја плесна в очи амбасадорот Јан Коп

Фото: МИА

На работниот колегиум се отфрлени како неосновани тврдењата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека новиот претседател на Советот е избран во нелегитимна процедура и затоа се става во мирување 4-годишниот проект, финансиран од оваа земја. Првиот човек на СС е избран со потребниот број гласови, утврдени во Законот, велат од Судскиот совет.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп ни ја плесна вистината в очи. Неговата изјава дека Судскиот совет стана „нелегитимно тело и дека тоа е многу сериозно и болно за гледање“, став искажан без да биде завиткан во обланда или во дипломатски ракавици, треба да го вклучи алармот во државата, особено што може да има огромно влијание врз процесот на преговори на Македонија со ЕУ, а сигурно ќе се најде во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.
Згора, Холандија го стави во мирување проектот „МАТРА“ поврзан со Судскиот совет и зајакнување на неговата ефикасност, отчетност и транспарентност, вреден нешто помалку од милион евра. Освен тоа, откажани биле две конференции, а било откажано и веќе договорено учество на повеќе членови на Судскиот совет на стручна програма во Холандија во мај.

„Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови“, изјави викендов Јан Коп.

Судскиот совет функционира законски, одговорија од Советот

Сепак, Судскиот совет ги отфрли како неосновани тврдењата на амбасадорот Јан Коп дека новиот претседател на Советот е избран во нелегитимна процедура и затоа се става во мирување четиригодишниот проект финансиран од оваа земја. Одговорот од Судскиот совет стигна преку пишана изјава.

„Судскиот совет (СС) функционира законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за судски совет. Ова е заклучено на денешниот работен колегиум, на кој се отфрлени како неосновани тврдењата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека новиот претседател на СС е избран во нелегитимна процедура и затоа се става во мирување 4-годишниот проект
финансиран од оваа земја. Членовите потенцираат дека првиот човек на СС е избран на седница со потребниот број гласови, утврдени во Законот за Судскиот совет на РСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет. Холандскиот проект трае 4 години и се состои од 3 компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка и во моментот се наоѓа во третата проектна година“, соопштија од Советот.

Експертите не се многу изненадени

И додека Судскиот совет го демантира холандскиот амбасадор, експертите не се многу изненадени од она што го обелодени тој. За нив оваа критика и барање на одговорност е очекувана и иако изгледа повеќе како шлаканица, значи потврда дека корупцијата е на високо ниво и дека покрај сите заложби за ЕУ, на секој чекор се погазуваат европските стандарди и принципи и беше само прашање на време кога вакво нешто ќе се случи.
Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев не е изненаден од целата ситуација и вели дека очигледно ни недостига одговорност или некаков професионализам кој со себе носи одговорност.

– Јас одамна тврдам дека системот треба да се ресетира и мислам дека после сѐ ова што се случува во последниве неколку години, овој состав на Судскиот совет, па дури би рекол и целиот концепт, не може да се поправи, треба да се почне од самиот почеток. Во потесна смисла, тоа ресетирање значи кадровски, а во поширока смисла треба да размислиме и за моделот. Моделот сам по себе не е баш соодветен и кај нас очигледно не дава резултати. Уште кога го воведовме овој систем на судско самоуправување се плашевме дека од нешто што е замислено како заштита на судството и негова независност ќе се изроди во алатка за негова инструментализација, и тоа се случи. Ова е најлошото можно сценарио, па дури и во погрда форма можеби и од други земји. Реално мислам дека и западните земји треба да размислат. Тие овој модел го препорачуваа во сите земји што беа во транзиција, некаде поуспешен некаде помалку успешен, ама вистински успешен не се покажа никаде – вели Калајџиев во изјава за „Слободен печат“.

Според него, проблемите не се само во Судскиот совет, туку целиот начин на управување на судството има свои слабости, а сите заедно имаат слабост во степенот на професионализам. На прашањето кај кого е одговорноста, тој оценува дека „не сме зрели за овие алатки кои ги имплементираме и дека сме прескокнале некои вредносни модели за да дојдеме до релативно модерен систем“.

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка коментира дека она што го кажа холандскиот амбасадор за повлекувањето на средствата за Судскиот совет е само укажување на тоа што повеќе се говори дека додека политичарите се со полни усти за ЕУ и европските стандарди и вредности, ретко кој од нив ги практикува тие стандарди во функционирањето на државата, па поради тоа сѐ помала е довербата во институциите бидејќи не си ја извршуваат функцијата.

– Иако изгледа повеќе како шлаканица, ова е на некој начин потврда и директно кажано, незавиткано во обланда и недипломатски, дека корупцијата во државата е на високо ниво и дека покрај сите заложни за ЕУ, на секој чекор се погазуваат тие европски стандарди и принципи. Беше само прашање на време кога вакво нешто ќе се случи – ни изјави Кржаловски.

Неговата оценка е дека се чини оти нема освестување по ваквите пораки, бидејќи очигледно е дека сѐ е тргнато кон сѐ поголема корупција. Притоа потсетува и на неодамнешното предупредување од Делегацијата на ЕУ дека ова што се прави со европското знаме на законите за коридорите со „Бехтел и Енка“ не е во ред и не е во согласност со европските процедури и вредности, но никој не се потресе и сѐ си продолжи по „планот“. Кржаловски предупредува дека ако вака се продолжи очигледно ќе се запре интегрирањето во ЕУ.

– Сѐ што се прави е спротивно на она што се зборува за евроинтеграциите – додава тој.

Она што го кажа амбасадорот Јан Коп, а што го демантира Судскиот совет, несомнено може да доведе до евентуално вето во процесот на преговорите, особено што е јасно дека Холандија цврсто инсистира на европските стандарди како што покажа во случајот со преговорите на Албанија со ЕУ, како и за влегувањето на Романија и Бугарија во Шенген. Уште повеќе, амбасадорот јасно кажа дека единствената причина поради која Холандија се согласи за членство на Македонија во ЕУ во февруари 2020 година, бил законот со кој гарантираше процесирање на случаите на СЈО.

– Дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Собранието донесе закон со кој гарантираше процесирање на случаите на СЈО, случаите со масовното прислушување, тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето „Темели“, кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние, напротив, го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. А сега го имаме и случајот со Судскиот совет, кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. Ситуацијата е многу сериозна – потсети холандскиот амбасадор.

Пред Јан Коп, отворено разочарување од состојбите во правосудството искажана и американската амбасадорка Анџела Агелер, која во април испрати писмо до институции на извршната и судската власт во земјава во кое ја изрази својата и загриженоста на САД за состојбите со правосудството.

„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од висок профил) кои Апелацискиот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, напиша Агелер во писмото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот