Судирите меѓу Ерменија и Азербејџан: Зошто започнаа и како светот гледа на нив? (ВИДЕО)

Фото: EPA-EFE/ARMENIA DEFENCE MINISTRY PRESS S MANDATORY CREDIT BEST QUALITY AVAILABLE HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Денеска започнаа воени судири меѓу Ерменија и Азербејџан околу спорниот регион Нагорно Карабах. Од Ерменија соопштија дека жена и дете биле убиени во областа од гранатирањето на азербејџанските сили, а претседателот на Азербејџан рече дека неговата војска претрпела загуби.

Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека неговите трупи собориле два азербејџански хеликоптера и три беспилотни летала како одговор на нападот, за кој велат дека започнал против цивилните населби. И двете странија соопштуваат за ранети и загинати.

Двете поранешни советски држави веќе долго време се во конфликт поради главно етнички населениот ерменски регион Нагорно Карабах, а граничните судири се интензивираат во последните месеци. Етничките Ерменци во Нагорно Карабах прогласија независност за време на конфликт што избувна при распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Иако во 1994 година беше договорено примирје, Азербејџан и Ерменија често се обвинуваат едни со други за нападите околу Нагорно Карабах и долж одделната азербејџанско-ерменска граница.

Баку: Ослободивме неколку стратешки точки во Нагорно Карабах

Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека нивните вооружени сили зазеле голем број села и стратешки ридови во регионите Фузули и Џабраил, во непосредна близина на Нагорно-Карабах, јави Тасс.

-Како резултат на контранападот на нашите армиски единици ослободени се голем број села и важни ридови што беа под окупација, рече Анар Ејвазов, шеф на прес-службата на Министерството за одбрана.

-Борбените операции продолжуваат, додаде Ејвазов.

Прес-секретарот на ерменското Министерство за одбрана, Шушан Степанијан, возврати дека изјавите на азербејџанското Министерство за одбрана во врска со контролата врз шестте населени места во Нагорно Карабах не одговараат на реалноста.

-Ова е уште една провокација на азербејџанската пропаганда, рече таа.

„За време на ескалацијата на контактната линија во Карабах, азербејџанската страна изгуби четири хеликоптери, 15 беспилотни летала, 10 тенкови и борбени возила на пешадија”, рече Степанијан.

Биланси од судирите на Ерменија и Азербејџан во Нагорно Карабах (ВИДЕО)

Претходно, Баку ги демантираше информациите на ерменската страна за три уништени тенкови, два хеликоптера и три беспилотни летала на азербејџанските вооружени сили.

„Единиците на Армијата на одбраната на Карабах се борат во северните, јужните и југоисточните насоки на линијата на контакт, спречувајќи го напредувањето на непријателот. Непријателот претрпе големи загуби во човечка сила и опрема”, напиша Степанијан на Фејсбук.

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, во меѓувреме, се придружи на повиците од Турција, Русија, Франција и ЕУ кон двете завојувани земји за деескалација на судирите и враќање кон преговори.

Азербејџан објави снимки од жестокиот конфликт

Азербејџанската војска објави снимки на кои се гледа како наводно ги уништува непријателските мети.

Азербејанското министерство за одбрана објави снимка како нејзините дронови уништуваат тоа што они велад дека се ерменски оклопни возила и воени цели.

Изворите наведуваат дека се работи за дронови кои Азербејџан ги купиле од Турција. Претходно од Ерменија тврдеа дека азербејџанската војска погодила цивили. Канцеларијата за заштита на човечки права од регионот соопштила дека има над десетина ранети за време на гранатирањето од страна на Азербејџан.

Двете страни тврдат дека непријателската војска е виновна за смрт на цивилите, а за сега не е можно независно да се утврди што се случува во регионот. И Ерменија и Азербејџан тврдат дека оствариле успеси во оваа пресметка.

Претходно ерменската војска објави дека уништила 4 хеликоптери, 15 беспилотни летала и 10 тенкови и борбени возила на Азербејџан.

Ерменија прогласи воена состојба а ги мобилизираше машките жители по конфликтот со Азербејџан околу Нагарно Карабах.

Ерменија прогласи воена состојба и општа мобилизација

Од друга страна, властите на Азербејџан наведуваат дека во државата нема да се прогласува воена состојба, бидејќи нејзината војска веќе е подготвена за конфликти.

Ердоган го повика ерменскиот народ „во борба против раководството на државата“

Претседателот на Турција, Реџип Тајип Ердоган апелираше до народот на Ерменија да се бори за својата иднина против „раководството кое ги влече во катастрофа“, пренесува Ројтерс.

„Меѓутоа, иако го повикувам ерменскиот народ да се бори против оние кои ги користат како марионети, исто така го повикувам целиот свет да застане со Азербејџан во нивната борба против инвазија и суровост“, напиша Ердоган на Твитер додавајќи дека Турција се повеќе развива соработка и „солидарност со властите во Баку“.

Фото: EPA/MURAD SEZER / POOL

Исто така, како што пренесува порталот Нова.рс, претседателот на Турција го повикал по телефон претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев по повод ескалацијата на ситуацијата во Нагорно Карабах и му вети целосна поддршка од Анкара.

„Тој му изрази сочувство на шефот на државата и на азербејџанскиот народ заради жртвите како последица на воени провокации од Ерменија. Реџеп Тајип Ердоган нагласи дека Турција, како и секогаш, го подржува Азербејџан“, се наведува во соопштението од прес-службата на претседателот на Азербејџан.

Алиев високо ја оцени константната подршка на Турција во ерменско-турскиот конфликт, конфликтот во Нагорно Карабах и го информираше турскиот претседател за настаните на првата линија на фронтот“, пишува во соопштението.

Претседателите изразиле уверување дека односите меѓу двете пријателски и братски земји ќе продолжат да се развиваат успешно.

Претходно денес официјалниот претставник на турскиот претседател, Ибрахим Калин рекол дека турските власти ја подржуваат воената акција на Азербејџан во Нагорно Карабах.

„Ерменија го прекрши примирјето со тоа што нападна цивилни населби и уште еднаш покажа дека е против мирот и стабилноста. Меѓународната заедница мора веднаш да ги запре тие опасни провокации“, напиша Калин на својот Твитер профил.

Пашинијан: Турција да не се вклучува во конфликтот

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан денеска изјави дека моменталните борби на Азербејџан во Нагорно Карабах, кои тој ги нарекува провокација, биле испланирани претходно.

„Неодамнешните агресивни изјави на азербејџанското раководство, сеопфатните заеднички воени вежби со Турција, како и неприфаќањето на предлогот на ОБСЕ за мониторинг, јасно укажуваат дека агресијата била планирана претходно и дека станува збор за голема провокација против мирот и безбедноста во регионот”, напиша ерменскиот премиер на Твитер.

Утрово дојде до нова ескалација во регионот Нагорно-Карабах, поради што во Ерменија и непризнатата Република Нагорно Карабах е  прогласена воена состојба и мобилизација.

Никол Пашинијан денеска ја повика меѓународната заедница да се обезбеди Турција да не се вклучува во конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за Нагорно Карабах.

Турција, сојузникот на Азербејџан, претходно остро ја критикуваше Ерменија за конфликтот од утринава меѓу ерменските и азербејџанските сили, соопштувајќи дека Ереван е пречката за мирот и дека Анкара му дава отворена поддршка на Баку, пренесоа британските медиуми.

Пашинијан оцени дека однесувањето на Турција може да има деструктивни последици за Јужен Кавказ и соседните региони.

Русија бара двете страни да престанат со огнот

Руското Министерство за надворешни работи ги повика страните вклучени во конфликтот во Нагорно Карабах веднаш да престанат со огнот и да почнат преговори за стабилизирање на ситуацијата.

Министерството во соопштението посочи дека состојбата во регионот нагло се влошила.

Москва апелира за итен прекин на огнот во Нагорно Карабах

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот