Судење „Онкологија 2“: Фирми ја тужеле Клиниката, каматата била 1 милион евра
Продолжи судењето за предметот „Онкологија 2“ каде обвинети за злоупотреба, измама и проневера во службата се поранешните медицински и економски директор на Клиниката, доктор Никола Васев и Нехат Нухи.
Препорачано
Поранешната раководителка на одделението за финансиско работење на Клиниката, рече дека ингеренциите ѝ биле одземени на крајот на 2019 и почетокот на 2020 година а откако се вратила од ковид-карантин сфатила дека дел од нејзините обврски ѝ биле пренесени на колешка без писмено решение.
– Кога се вратив видов дека мојата обврска за подготвување на налозите за плаќање спрема набавувачите веќе ја имаше преземено моја колешка и бев комплетно тргната од таа работа. Писмено се обратив, се претставив која сум, меѓутоа тоа не се случи, рече сведокот.
Раководителката сведочеше и за соработката со обвинетиот Васев, за кој рече дека до пред ковид периодот соработувале доста добро, нагласувајќи дека Клиниката немала никакви долгови дотогаш.
– Соработувавме доста добро, Клиниката тогаш немаше никакви долгови, но пред да се разболам приметив дека Васев имаше поладен однос со мене и не можеше да го издржи таквото пресметување за плаќање спрема добавувачите што беше исправно, рече сведокот.
Таа рече дека редовно доставувала извештаи до Министерството за здравство и до Фондот за здравство и тоа извештаи за финансиско работење, за тоа колкав приход остварува болницата и колку пациенти од странство има на Клиниката.
За долговите на Клиниката посочи дека како раководителка имала обврска да доставува месечни извештаи до Фондот за здравство, за што, му предложила на Васев да се обратат до ФЗОМ писмено за да го зголемат буџетот за Клиниката, бидејќи, како што рече, се зголемувал бројот на пациенти, а Клиниката имала сѐ помалку пари.
Таа рече дека Клиниката била тужена од добавувачи за неплатени фактури од 2021/2022 со камата од 1 милион евра поради што двете сметки на болницата биле блокирани.
Адвокатот на Васев, Боби Спирковски изјави дека раководителката на сметководство што сведочеше денес, требала самата да се изземе од функцијата бидејќи нејзиниот сопруг работел во веледрогерија од која Клиниката набавувала лекови во голем обем, па затоа според Спирковски имала судир на интерес.
-Таа инсистирала плаќањата да одат пред се кон таа веледрогерија. Заради тоа била замолена па разрешена од функциите, за кои самата требала да си побара изземање бидејќи има конфликт на интерес. Така обврските за плаќањата ги вршело друго лице и тоа процентуално. Таа некогашна колешка на Васев зборува за него се најлошо во истрагата дека земал пари од пациенти, дека бил нехуман кон пациентите, дека ги бирал пациентите, нејзини лични согледувања очигледно од некакви лоши емоции кон тој човек зашто била прераспределена на друго работно место, рече Спирковски.


