Стравот ја топи идејата за градење топилница

Фото: Фејсбук

Граѓаните и екологистите се загрижени од најавата дека во општината ќе се продаде државно земјиште за да се гради фабрика за преработка на индустриски отпад опасен за здравјето и за животната средина.

Општина Гази Баба сѐ уште не одлучила дали ќе продаде државно земјиште за да се гради фабрика за преработка на индустриски отпад на север од комплексот железарница. И додека градоначалникот Борис Георгиевски уверува дека ништо штетно по здравјето на граѓаните нема да добие дозвола за изградба, екологистите со загриженост ги следат чекорите на општината, каде што трае јавната расправа за стратешката оценка на влијание врз животната средина за 23 хектари државно земјиште, за она што беше класификувано како „постројки за термичка и хемиска обработка на неопасен отпад“.

– Многу прашина се крена. Ниту ќе има топилница за индустриски отпад, ниту ќе се топи, ниту ќе се загрева, затоа и го продолжив рокот за јавната расправа – вели Георгиевски. Тој ги отфрла стравувањата дека обработката на отпадниот материјал од технолошкиот процес на железарницата, кој досега завршувал како отпад, може да го загрози здравјето на луѓето.

– Не е продадено земјиштето и не сме донесле конечна одлука дали воопшто ќе се гради. И тој што треба да го купи, ако воопшто го купи, треба да направи студија и елаборат за влијанието врз животна средина и да се одобри технолошкиот процес. Не сме стасале ниту до А, а веќе се врти прикаската Ш. Непотребно е кревањето паника, иако ја разбирам загриженоста – повторува Георгиевски.

Од граѓанското здружение „О2 Иницијатива“ претходно излегоа со став дека обработката на филтер-прашина од електролачните печки при производство на челик, подразбира процес на топење за како краен продукт да се добие цинк оксид и легура на железо и дека филтер прашината е класифицирана како опасен отпад, поради содржината на тешки метали. Дека навистина се работи за опасен отпад потврдуваат и од Министерството за животна средина.

„Цинкова прашина, која се генерира како отпад од електролачните печки и има шифра која покажува дека станува збор за опасен отпад и така е класифицирана од страна на Министерството. Се уште нема информации дека постојат технологии за преработка на овој вид на отпад, чија цел е извлекување на цинкот од пепелта, а тоа се изведува со многу агресивни базни соединенија, меѓу нив со каустична сода. Постојат документи за најдобри достапни техники за овој вид процеси, но сепак спомнатата технологија не е проучена од страна на МЖСПП“, се вели во одговорот на Министерството, на нашето барање да се објасни технологијата за која во извештајот за оценката на влијание врз животната средина за постројката за преработка на отпад е наведено дека е малку позната. Односно дека станува збор за експериментална технологија.

Од Министерството потенцираат дека првенствено мора да се спроведе постапка за оцена на влијанието влијанието врз животната средина. Таа постапка треба да каже како и на кој начин тој технолошки процес ќе влијае врз животната средина. Имајќи предвид дека се работи за преработка на опасен отпад, потоа за користење агресивни соединенија, во моментов во Министерството не знаат каков отпад ќе се генерира од оваа технологија.

Се уште трае рокот за изјаснување по стратешката оценка и тоа е направено токму за да се утврди дали постои оправданост, дали вреди или не вреди да се размислува за начини со кои железара ќе се исчисти од она што претставува неопасен отпад. Тоа што се наоѓа во депото на фабриката може да се врати во циркуларната економија и како секундарна суровина да се искористи, смета градоначалникот на Гази Баба.

Според него, сега се оперира со погрешни термини.

– Овој простор е наменет за инсталации за третман на неопасен отпад. Само тука кај нас овој материјал се нарекува отпад, секаде во светот тој се смета за суровина, може да се рециклира и да се употребува во циркуларната економија, во асфалтните бази, како подлога за патиштата, а од него може да се извади цинк оксидот со најсовремени технологии кои се користат во развиените земји во Европа, а се гаранција за обработка на неопасен отпад – вели тој.

Сепак, токму во Извештајот за оценка на влијанието врз животната средина, објавен на сајтот на Гази Баба, за кој се уште трае јавната расправа, се предупредува дека треба да се утврди дали навистина станува збор за постројки за термички, физичко-хемиски и за хемиски третман на неопасен отпад, односно кои видови отпад би се третирале на проектниот опфат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот