Стопанствениците продолжуваат да ја убедуваат Владата: Лоша е одлуката за замрзнување на цените, помогнете им на посиромашните

Кашкавал цени во маркети / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Замрзнувањето на цените не може да трае долго и по завршувањето на оваа мерка повторно ќе го имаме проблемот со зголемување на цените, смета извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев

Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковните резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам, изјави извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев.

Според Пешев, економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените. Подобро е, рече, да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електрична енергија, со механизми кои го прават домашното производство поконкурентно.

-Владата посегна по оваа мерка, сакајќи да го намали притисокот на населението кое се најде во економски проблеми, но сите економии во светот малку поинаку му приоѓаат на проблемот. Ние се залагаме токму за тој принцип – да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба –рече Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред Македонско-австриските бизнис-средби во Комората.

Тој рече дека оваа мерка не може да трае долго и по нејзиното завршување повторно ќе го имаме проблемот со зголемување на цените.

– Во меѓуврме, пак, компаниите чии производи биле опфатени со замрзнувањето на цените, изгубиле многу пари. Затоа ние секогаш се залагаме за пазарни, а не за популистички мерки- подвлече извршниот директор.

Во Австрија нема ограничување или замрзнување на цените. Засега имало дискусија само за замрзнување на цените на недвижнините и станарините (наемнините). Се утврдило дека е подобро да им се даваат донации/дотации на граѓаните со кои би им се помогнало да ги платат овие давачки.

Според Рихард Бандера, регионален менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија, втора клучна тема во Австрија се енергетските трошоци.

-Воведовме помош на домаќинствата за покривање на енергетските трошоци. Тоа се неколку стотини евра што не се големи средства, но сепак беше чекор напред во поддршката кон граѓаните. Дадовме поддршка и на претрпијатијата кои имаат интензивна потрошувачка на енергија. Тоа се оддолжи малку, но во период од повеќе месеци добија поддршка,- рече Бандера.

Завчера став околу замрзнувањето на цените искажа и Сојузот на стопански комори (ССК) според кој, исто така, се работи за непазарна мерка.

-Секое замрзнување на цените има позитивни и негативни консеквенци. На 8 септември 1991 година граѓаните на државава гласаа за независност, за слободна економија, за слободен пазар. Слободниот пазар е одлика и придобивка на таа независност и ние генерално преферираме слободен економски пазар, но Владата има свој делокруг на делување и доколку така смета, најубаво треба да објасни каква и е идејата, што сака да постигне, дали е тоа од времен карактер, колку време би траело- изјави претседателот на ССК, Трајан Ангелоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот