Стадо

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Можеме кротко да спиеме. Сите овци ни се на број. Одамна стекнавме колективен имунитет на пописи. Имунитет на стадо, би рекле злобниците.

Ако не ве фаќа сон во овие тешки времиња на изолација и политички лудории, пробајте да броите овци. Помага, велат. Броењето овци е ментална вежба за полесно заспивање што одамна ја користат западните култури. Техниката е едноставна. Си замислувате бескрајна колона идентични овци, сите до една бели, како скокаат преку ограда, а вие ги броите една по една. Целта е да се создаде чувство на здодевност, да се оптовари мозокот со некоја едноставна и ритмичка операција што се повторува до недоглед, колку што е долга и широка ливадата на вашиот ум.

Многу поголем предизвик е да изброите стадо овци. Вистинско стадо. Без оваа техника, прилично посложена, без да можат прецизно да ги избројат грлата, овчарите не можат мирно да заспијат оптоварени од стравот дека не им се сите овци на број. Кај големите стада, вообичаено се користат „маркери“, при што на помош доаѓа генетската разновидност. На секои 50 или 100 овци се додава една што со појавата се издвојува од стадото, па при аритметиката се бројат само црните овци. За прецизно броење, пак, потребни ви се куче, по можност овчарско, и тесна порта низ која стадото мора да поминува грло по грло. Се препорачува претходно да се издвојат јагнињата. Да можат да проговорат кучињата со човечки глас, операцијата веројатно би била поедноставна. Тие, за разлика од луѓето, секогаш знаат дали сите овци им се на број.

Уште поголем предизвик е да се избројат луѓе. Посложено е, а и не е хумано, да се постројат во групи со „маркери“ или да бидат подгонети од кучиња низ тесна порта. Не е доволно што учените луѓе измислиле попис како статистичка операција. Неопхподна е поддршка од целата држава, што би се рекло со овчарски жаргон – главните овчари, за да се спроведе броењето на луѓето што е можно попрецизно, со што повеќе информации за нивните навики, потреби и капацитети, за да може врз тие витални податоци полесно да се организира животот и да се води државата. За да имаат сите полесен сон.

Некои земји, верувајте не се малку, вообичаено спроведуваат попис на населението на секои десет години, дури и да се со повеќе од милијарда луѓе. Мобилизирана армија вооружена со пенкала и хартија тргнува во офанзива што е можно попрецизно да ги преброи луѓето, еден по еден, а потоа да ги класифицира по разни важни карактеристики – пол, возраст, семејство, домови, имоти, трактори, писменост, пристап до вода, струја и канализација, од неодамна и по смартфони, лаптопи и електрични автомобили. Годинава ѝ е ред на Русија да го спроведе својот трет попис по распаѓањето на Советскиот Сојуз, под мотото „Ја креираме иднината“. Од податоците на претходниот во 2010 година, на пример, знаеме дека во земјата има 111 милиони Руси, 325 Македонци и по еден Урум и Југ, но и 45.000 што се изјасниле како хобити, џуџуња или џедаи. И најмалку еден молер.

Наспроти пандемијата и уште похаотичната претседателска кампања, попис лани спроведе и Америка. Народна Република Кина пред еден месец го заврши својот седми попис. Од оној во 2010 година може да се дознае дека во касарните има 2,3 милиони Кинези, а местото на живеење на 4,65 милиони „тешко може да се утврди“. Индија годинава го спроведува својот 16-ти попис, прв на кој граѓаните нема да се произнесуваат на која каста и припаѓаат. Во 2011 година армија од 2,5 милиони попишувачи не само што преброија 1,2 милијарда луѓе во 5.000 града и 630.000 села, туку и на сите постари од 15 години им зедоа отпечатоци и биометриски податоци, ги фотографираа и им дадоа матични броеви и лични карти.

Најголемиот предизвик од сите е како ние самите да се преброиме, земја со жители колку кварт на Мумбај или Чонгчинг, кои не би ги наполниле ни сите војнички кревети во Кина ниту би биле доволни сите заедно за да спроведеме попис во Индија. А, и зошто воопшто би се пребројувале, кога си знаеме колку точно, до децимала, треба да не има. Можеме кротко да спиеме. Сите овци ни се на број. Одамна стекнавме колективен имунитет на пописи. Имунитет на стадо, би рекле злобниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот