Срамна распродажба на угледни професии

Фото: Манчо Митевски / Слободен печат/Архива

И во случајов има „трговија на интереси“ (процес кој трае со години) – до „тоталната распродажба“ на угледот на неколку општествено значајни професии, поврзани со законите, владеењето на правото, правната држава, меѓутоа и до – правдата, без која „ќе нема мир“ кај граѓаните: професори, судии, обвинители, адвокати, доктори, новинари…

Поголем дел од македонското општество очајнички посакува да ги живее стандардите кои владеат во високоразвиениот демократски свет. Тоа го покажува и континуирано високиот процент на граѓани кои сакаат влез во ЕУ и НАТО. Сепак, мора да се признае дека постои и една не толку голема идеолошко-политичка и бизнис групација на која не и одговараат таквите високи цивилизациски, демократски, професионални, морални и  човечки стандарди.

Долгата транзиција не само што ги збриша кај нас  стандардите на минатиот систем, дури и оние од професионалната, моралната и човечката димензија, кои почиваа врз универзални принципи што важат во цивилизираниот свет, туку беа исконструирани нивни антиподи. Тоа особено дојде до израз во повеќе од една деценија владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога груевистичкиот режим не само што, како краен чин ја зароби државата, туку создаде нови прагматични политичко-коруптивни  стандарди во стилот на Орвел: војната е мир, слободата е ропство, незнаењето е сила… или на Макијавели: целта ги оправдува средствата.

Професорски закон

Во тој период во режија на режимот се испилија нови политички култури и начини на однесување. Во овој контекст во прв ред е клиентелизмот. Иако режимот е формално паднат, но државата сé уште не е докрај ослободена, и во услови на друга власт неговите инсталации во институциите, судството, адвокатурата и факултетите сега ја водат пресудната битка за законско востановување на неказнивоста (што е во суштина опструкцијата на донесувањето на Законот за јавното обвинителство), односно пишување закони со „дупки“ (практика применувана во нивно време), од нивни експерти-професори, со цел кога ќе затреба, со повикувањето на тие „дупки“ да се спасуваат нарачателите и моќниците кои беа на највисоки државни функции од поранешната власт. Станува збор за не мала бројка – околу триста ексфункционери – за кои има неколку правосилни пресуди, а активни се повеќе десетици судски и обвинителски постапки.

Во редицата новокомпонирани стандарди, за жал, спаѓа и резултатот од  десетгодишното наметнување перцепција од партиските медиумски мегафони, која фати корен кај дел од јавноста, партиските приврзаници и војници, како стремеж и одушевување кон оние кои „се снашле“ во животот и професијата и брзо се збогатиле и стекнале високи позиции на општественото скалило, макар тоа било со клиентелизам, изигрување на законите и со криминал! Станува збор за „моралот на парите“, што во демократски и правно не докрај изградените општества како нашето мутира во синдромот: со пари може да се купи сé!

Во македонското општество уште од активирањето на бомбите на тогашната опозиција произлезени од незаконското масовното прислушување од страна на власта на ВМРО-ДПМНЕ, па борбата за уривање на груевистичкиот режим, за сé да се заокружи со обединувачката масовна „Шарена револуција“, акцентот на протестите не беше ставен на параграфите, на законите, односно на правото, бидејќи правото и законите се инструмент за манипулации во рацете на власта. Акцентот беше ставен на правдата за мнозинството онеправдани граѓани од криминализираното малцинство на власт и околу власта. Како и тогаш, така и сега сé уште е во тек големиот внатрешен општествен судир меѓу залагањата за одговорност на секој што се огрешил на законите, без селективност и без разлика дали е поранешен или сегашен функционер, бизнисмен, судија, новинар или обичен граѓанин и – неказнивоста.

Тоа е суштината и на конфликтот околу Законот за јавното обвинителство. Поранешната власт, односно сегашната опозиција, нереформираната, неизвинетата и законски несанкционираната ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и главниот продолжувач  и бранител на неговиот лик и дело се залагаат параграфите на новиот закон да ги напишат „експерти-професори“!

Проблемот е што меѓу нив се и неколку најизвикани – професионално и политички, кои беа партиски кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за претседателски избори, делегирани од оваа партија или од институциите на тогашната власт во разни меѓународни комисии и домашни управни одбори и каде се не, како и дебело платени „професори-експерти“ за пишување закони во периодот на режимот и на заробената држава, но и сега! Предлогот е вистинска „турли тава“ зготвена за замајување на јавноста и за одложување на донесувањето на законот, во која има мнозинство од партиски обележани уставни експерти (некомпетентни за кривичната проблематика) и кривичари. Најмалку се вистински експерти за кривично-правната сфера кои, пак,  јавно се спротивставија на т.н. „професорески закон“, бидејќи актуелниот текст на Законот за кој се дебатира е напишан од македонски и странски експерти (професори) и домашни практичари-професионалци.

Спасители и криминалци

Тука доаѓаме, кажано со жаргонот на трговците, бидејќи и во случајов има „трговија на интереси“ (процес кој трае со години) – до „тоталната распродажба“ на угледот на неколку општествено значајни професии, поврзани со законите, владеењето на правото, правната држава, меѓутоа и до – правдата, без која „ќе нема мир“ кај граѓаните: професори, судии, обвинители, адвокати, доктори, новинари… Политичарите не се тема за опсервација во овој контекст, бидејќи тие одамна си ги распродадоа угледот и довербата, но за нив граѓаните имаат еден силен инструмент в раце – казнување на избори!

Некои се подготвени за пари, за „отфитување“ со своите поранешни „спонзори“ и поради лични суети и одмазда за нереализираните амбиции да напишат секаков закон, параграф, да дадат совет (зарем се има илузија дека правното толкување на Врховниот суд за спас на криминализираните екс-функционери е дело на разрешениот претседател и адвокат), да кажат некоја небулоза (за враќање на името, Преспанскиот договор…) и тоа да го бранат, без ни трунка стеснување, доведувајќи се во ситуација да бидат објекти за потсмев во својата фела и од своите студенти. Некои имаат разбирање, велат: тоа им е работа, од тоа живеат и тие и адвокатите! Некои адвокати кои стекнаа углед како „праведни“ борци против криминалот, амнестиите и слично за време на „шарените“ протести, а потоа, со тој стекнат углед добија широко поле за профит и се нафатија да ги бранат оние против кои се зборуваа во јавни дебати – сега тврдат дека тие не биле виновни и на „крвавиот четврток“ не сториле никакви кривични дела!?

Наместо да бараат реални докази за одбрана или олеснителни околности за поблаги казни, тие секогаш играат на ослободителни пресуди со барање дупки во законите и одлагања на постапките до застарување – секако, за големи пари – нели од тоа живеат! И види стратегија: адвокатите блиски на ВМРО-ДПМНЕ за време на режимот се повлекоа, а ексфункционерите ги бранат „шарени“ адвокати или адвокати што важеа за блиски до актуелната власт!

Некои судии од тефтерчето на „Гоца од МВРО-ВМРО“ и натаму се лојални или ги израмнуваат „должничко-доверителните“ односи со своите довчерашни наредбодавачи и финансиери на „подобриот живот“. Во обвинителствата  сé уште има фиоки со укажувања за организиран криминал од поранешни функционери кои со години фаќаат пајажина. Новинарите, кои не се тоа и кои не работат во функција на вистината, туку се измеќари на азилантот во Будимпешта кој им ги наполни сметките на нивните газди со повеќе десетици милиони евра, за ситни пари се претворени во мегафони и создаваат вештачки перцепции кај јавноста со лажни вести, и, за чудо, делумно успеваат во тоа кај луѓето кои не сакаат да гледаат со своите очи, да слушаат со своите уши и да мислат со своја глава, туку оставаат за тоа да се погрижи „нивната партија“! Ако се суди, пак, според некои потврди на доктори за тогашни функционери во случаите покренати од СЈО, многумина од осомничените имале толку големи психички проблеми или се со таква задравствена положба која не дозволувала да бидат на тие функции. Таквата практика продолжува до ден денес за одложување судски процеси.

Професионални стандарди

Рецептот за враќање на достоинството на овие професии кои се избламираа поради мал број нивни „колеги“ на кои им беа поважни парите и напредувањето во еснафската хиерархија е – покренување постапки за судии и обвинители кои ги злоупотребиле своите функции во затскривање криминал од лукративни и профитерски причини. За одговорност за мал број судии и обвинители зборуваше и експертот Прибе во своите анализи и заклучоци. За политичките злоупотреби на дел од професорите од универзитетите нема некои посебни мерки, меѓутоа за некои од нив казна ќе биде големиот јавен срам и падот на нивниот авторитет кај јавноста и студентите. За новинарите доволно зборуваат драстичниот пад на гледаноста на националните телевизии, скромните тиражи на весниците и падот на отворањата, што укажува дека се „прочитани“ порталите кои шират лажни вести.

Откажување од одењето по линија на најмал отпор и од комформизам на мнозинството судии, обвинители, адвокати, професори, доктори, новинари и внатре еснафското маркирање на малцинството поединци кои го уриваат угледот и довербата и кои го држат во заложништво мнозинството претставници на овие значајни професии, ќе даде најбрзи и најефикасни резултати. Точно е дека парите се важен сегмент од животот. Тежок е животот без пари, но потежок е животот и сонот со пари стекнати без труд, со политичко измеќарство, со злоупотреби и со криминал. Сепак, за вистинските професионалци во било кој сегмент од животот најзначајни се професионалните, моралните и човечките стандарди и углед, што би се рекло – образот!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот