СП: Македонските ракометари убедливо поразени и од Русија!

Фото: EFE/Mohamed Abd El Ghany/POOL

Во вториот натпревар од главната фаза на Светското првенство во Египет, македонската репрезентација претрпе нов убедлив пораз овојпат од селекцијата на Русија со резултат 32:20.

Имавме лош почеток на мечот, Русите фуриозно стартуваа со три погодоци во серија, а ние и после пет минути игравме немавме реализација. Конечно дури во седмата минута дојдовме до првенецот на средбата во Каиро преку Кузмановски, но Русите свесни дека победата им носи надежи за четвртфиналето, постигнаа два голови во низа, вториот беше дело на Косоротов за 5:1 по првите 10 минути.

Шишкарев, екс членот на Вардар 1961 како пивот со т.н. шрауба ја затресе мрежата на Митревски, а ние повторно безидејно во нападот, тешко доаѓавме до чист шут, проблемите се зголемија после првото исклучување од две минути кои ги доби Мишевски.

Фото: EFE/Mohamed Abd El Ghany/POOL

Тоа веднаш го искористија ривалите преку левото крило Сорока за веќе високи 7:1 на семафорот и беше како најава за нов висок пораз на нашите ракометари на овој Мундијал.

Во 14 минута се случи и вториот гол на Македонија, Серафимов кој доби поголема шанса на позицијата десен бек од Лазаров кој остана на клупата, убаво го пронајде Стоилов за намалување на негативата.

Серафимов исто така и се запиша во листата на стрелците со еден убав гол од бековската позиција, намали на 10:5, но веднаш во наредниот напад на Русите доби исклучување.

Противникот кој ја казнуваше секоја наша грешка и нереализиран напад, немилосрдно само ја зголемуваше својата позитива, Житников во соло акција, многу лесно ја проби нашата дефанзива за 12:6 во 21 минута. При 13:7 до паузата руската селекција успеа да постигне уште шест, а да прими само два, за 19:9 по првиот дел.

Исто како Русите, така и ние силно почнавме со три гола во серија на стартот од вториот дел за пристојни 19:12, а Русите после седум и пол минути дојдоа до првиот погодок, но тоа ништо не се смени резултатски.

Следуваа две исклучувања по ред во нашата репрезентација, Пешевсаки поради прекршок и едно за Серафимов поради погрешна замена.

На девет минути до крајот Котов на спротивната страна реализираше за 27:17, а Кузмановски кој беше прв стрелец во македонската селекција го запиша шестиот гол. До крајот ривалите само рутински го одработуваа мечот и дојдоа до потребните бодови.

Последниот трет меч во групата „4“ избраниците на селекторот Данило Брестовац ќе го имаат за два дена исто така од 15.30 часот против Белорусија.

Светско првенство Египет 2021

Главна фаза, Каиро

Македонија-Русија 20:32 (9:19)

Македонија: Митревски (8 одб.), Томовски (1 одб., 1 сед.), Кузмановски 6, Стоилов 1, Серафимов 4, Пешевски 2, Крстевски 1, Георгиевски 2, Димитриоски 1, Костески 2, Талески 1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот