Скриена амнестија или јавна манипулација

Една работа треба да ни биде кристално јасна: Иницијативата против чл. 353 ст. 5 од Кривичниот законик – по која во моментов расправа Уставниот Суд – е опасност за случаите на СЈО, поголема од бегството на Груевски и „Рекет“ заедно.

Лани адвокатот на Н.Г. поднесе иницијатива пред Уставниот суд. Малкумина ја сфатија несериозно, бидејќи иницијативата е нелогична и беспредметна и бидејќи во тоа време, главната активност на оспорување на чл. 353 им беше преку Собранието – каде тешко, ама успешно одбранивме неколку скриени и јавни обиди за укинување на овој член. Што се однесува до нивната пропаганда – велат дека членот е спротивен на препораките на ЕУ и бараат да се укине; ако не може да се укине, тогаш тврдат дека казните се превисоки и предизвикувале да страдаат луѓето – т.е. бараат минималните казни да се намалат од 5, на 4 години казна затвор; исто така, бараат вината да се прераспредели кај пониските ешалони во институциите, односно покрај министрите, дел од одговорноста да сносат членовите на комисиите за јавни набавки.

Оваа иницијатива не смее да помине! Вистина е дека ЕУ имаше забелешки на овој член – но тоа беше поради начинот на кој се користеше во времето на претходната влада. Тогаш, Груевски го подигна прагот од 4 на 5 години за да може своите неистомисленици да ги става директно во затвор. Имено, ако некое лице е осудено на казна затвор од 4 години, таа казна може да биде ублажена на 2 години. Доколку делото е ненасилно, тогаш таа казна од 2 години може да биде заменета со условна осуда и сторителот може да не помине ниту еден ден зад решетки. Ако минимумот е 5 години, тогаш сторителот не може да го избегне издржувањето затвор.

Но, клучната разлика е што во времето на Груевски немаше опасност од застареност на постапките, бидејќи тие завршуваа практично преку ноќ, посебно ако беа против некој функционер кој ѝ откажал послушност на фамилијата. Наречете ме строг – но јас не се согласувам со забелешките на ЕУ. Мислам дека ако некој функционер ја злоупотреби својата положба – тогаш треба да биде сигурен дека нема шанси да се извлече без ниту еден ден во затвор.

Впрочем, тоа е и следниот аргумент. Со чл. 353 не „страдаат“ луѓе, туку функционери. Оваа реченица не е некоја смешна фраза или политички трик – кривичното право познава два типа на кривични дела – општи и посебни. Општите може да ги стори секое лице и таму можеме да кажеме дека „страдаат луѓе“. Посебните (помеѓу кои е и 353) можат да ги сторат само службени и одговорни лица, односно не секој човек. Така што, другари, мислам дека функционериве и премалку ни „страдаат“, а не обратно. Искрено верувам дека функционерот треба да се тресе и мачно да го мисли секој свој потпис, бидејќи секој нивен потпис има огромни последици врз сите нас.

Врз основа на тоа – паѓа и заложбата за распределување на одговорноста. Членовите на комисиите за јавни набавки не одлучуваат и не потпишуваат ништо – само даваат препораки, а одлуката и потписот е на министерот. Тука се практичните аспекти кои ја прават опасноста уште поголема – ако оваа иницијатива помине, автоматски ќе застарат речиси сите постапки на СЈО, вклучувајќи ги и оние кои државниот Јавен обвинител сè уште ги нема распоредено.

И, на крајот – мора да расчистиме каков е ставот на ДУИ по ова прашање. Иако декларативно ги поддржуваат случаите, тие исто така го поддржуваат укинувањето на чл. 353, а кандидатот што го предложија (а ние го изгласавме) за уставен судија, Осман Кадриу – вчера беше еден од најгласните застапници за укинување на членот, заедно со повеќето од судиите што беа назначени во време на ВМРО. Така, ДУИ мораат еднаш и засекогаш, не само на зборови, туку и преку дела да покажат дека нивната љубов со Груевски е минато и дека нема да ги штитат нивните функционери од последиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот