Скопјани се позаинтересирани за услугата на ЈП „Комунала хигиена“ за подигање на кабаст отпад од дома

Контејнери за кабаст отпад, Фото: МИА

Заинтересираноста на скопјани за правилно одлагање на кабастиот отпад расте. Како што објаснуваат од ЈП „Комунална хигиена“, интересот за услугата нивни екипи да го соберат кабастиот отпад внатре од домовите или пак од пред домовите и зградите во коишто живеат луѓето, е се попопуларна. Како доказ за тоа е и шестмесечниот извештај на претпријатието, во кој стои дека ваквата услуга која ја нудат во периодот од месец јануари па се до јуни оваа година, ја искористиле вкупно 167 граѓани кои се јавиле и побарале да добијат ваков тип на услуга од страна на вработените во ова јавно претпријатие.

– Кај нашите корисници постои голем интерес за услугата за преземање на  кабастиот отпад директно од  нивните домови. Во периодот I-VI/2021година на дежурниот телефон на ЈП „Комунална хигиена“ се регистрирани вкупно 167 јавувања од страна на граѓаните коишто ја нарачале оваа услуга. Оваа услуга се наплатува согласно однапред утврден Ценовник којшто е усвоен од страна на Советот на Градот Скопје  – објаснуваат од ЈП „Комунална хигиена“.

Според Ценовникот по кој работи јавно претпријатие, доколку граѓаните сакаат двајца работници на претпријатието рачно да им го отстранат кабастиот отпад од пред вратата на домот или пак од пред влезот на зградата, потребно е да платат 2.000 денари по тура. Доколку, пак, сакаат двајца вработени рачно да го изнесат непотребниот кабаст отпад од нивните домови, за таа услуга потребно е да издвојат 2.800 денари по тура. Доколку  граѓаните имаат кабаст отпад, а немаат потреба од помош од вработените во ЈП „Комунална хигиена“ за изнесување на кабастиот отпад, односно за негово отстранување, потребно е да издвојат 1.600 денари. На тој начин непотребниот отпад соодветно ќе биде товарен, а потоа и соодветно дислоциран и третиран.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот