Скаменети хористи

Проф. д-р Ана Чупеска / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Предлагам наместо да дрочиме како скаменети хористи што тежнеат да се самоперципираат ексклузивно во минатото, во анахроноста, и да чучат во старите и ’рѓосани лимени конзерви, и врз основа на тоа да ги игнорираме реалните состојби што ни се одвиваат тука, пред носот, да ја преземеме и моралната одговорност, врзана за нашиот опстанок.

Сузан Грифин, во „Хорот на камењата (A Chorus Of Stones)“ преку согледбите за меѓузависноста на јавниот живот и приватните трагедии, укажува дека секој од нас е дел од една поголема нарација; и дека никој од нас не може да избега од моралните дилеми на своето време. Ќе се согласам целосно со нејзините тврдења што произлегуваат од уникатни анализи на личните страдања поврзани со војните.
Значи, поентата е дека: никој од нас не може да избега од моралните дилеми на своето време.
Но, ми се чини дека овде, на сцена имаме една хористичка патрдија, која упорно се обидува да ја избегне токму моралната одговорност на предизвикувачките актуелности на своето време.
Штета! Каква самодоволност и социопатија, би рекла.
Прво, ајде грубо да видиме кои би биле моралните дилеми на нашето време? Како тие се рефлектираат и како резонираат на тлото на нашиот локус? И, конечно, кои се нашите скаменети хористи?
Денес, мили мои, светот се тресе, а моралните мета-позиции се прекршуваат врз разнишаниот хуманизам на глобално ниво. Тој, најпрво, е предизвикан директно и највулгарно од воено екстерминаторство како она во Украина, но не само таму.
Второ, постпандемичните енергетско-кризни брзорастечки „растројства“ од секаков вид ја разнишаа и отпорноста на луѓето како такви, а со тоа, хуманизмот повторно е предизвикан.
Трето, дигиталната и рапидна неолиберална трансформација на социоекономските устројства долж глобалниот простор се дополнително стимулативни за сите можни видови на нехуманистичка нус-продукција.
Четврто, пред нос ни се одвива страотна тензија и натпревар, судир меѓу либералната и илибералната демократија, и веќе видливи се последиците од отворената навалица на разните видови тоталитарни режими, авторитарни идеологии, однесувања и слично. Како пред Втората светска војна.
Дали ние што живееме овде, во Македонија, сме свесни за овие состојби? И, оттука, каква може и каква треба да биде нашата морална позиција кога директно се засегнати регионалниот, европскиот и светски мир? Мала држава како нашата не би смеела да си дозволи аморалност во врска со овие нешта (прво поради себеопстанок во смисла на гол живот – bare life, и секако во контекст на општото и универзално добро). Не можеме, мили мои, сега кога Финска и Шведска, по вековна неутралност, побараа да влезат во НАТО, ние, кои сме полноправна членка, сè уште да имаме дилеми околу тоа. Да не зборувам за тотално неодговорните политичари кои заговараат напуштање на НАТО.
Па вие не само што сте аморални, вие сте една голема приватна трагедија со страотна јавна последица.
За војна ли сте, директно, да прашам?
Предлагам, наместо да дрочиме како скаменети хористи, кои тежнеат да се самоперцепираат ексклузивно во минатото, во анахроноста, и да чучат во старите и ’рѓосани лимени конзерви, и врз основа на тоа да ги игнорираме реалните состојби кои ни се одвиваат тука, пред носот, да ја преземеме и моралната одговорност, врзана за нашиот опстанок.
Недозволиво е и неморално, пред сè, да немаме став за ЕУ (што е најуспешниот политички мировен и демократски проект, докажано хуманистички и антропоцентричен).
Неупатно е, да немаме став за случувањата во Украина и инвазијата на Русија врз суверенитетот на оваа земја.
Катастрофално е истото да го правиме и со демократијата.
Овде, кај нас, хорот на камењата пикнати во лимените конзерви е толку истапкан во наци-догматизам, што продаваат божемни „морални“ позиции, на ист начин како што Хитлер продавал етика кога ги чистел ариевците од вишокот човечко месо.
„Чистата нација“, другачиња, не е морална позиција! Исто како што гасната комора не е тоа!
Моралните позиции се градат врз етичките консидерации, а овие, пак, се научно-логички категории. И тука нема простор за релативност. Етиката е цела наука и не е приватна импресија. Импресиите ги претворивте во политика, без трошка морална одговорност.
Срамота и греота!
И самоубиствено, пред сè.
Се знае точно што е добро, а што е зло!
Со други зборови, хорот од камењата што клечи во лимени конзерви, и што „нит-смрди-нит-мирише“, ниту разбира, ниту го интересираат комплексностите на социополитичкиот контекст. Својата „божемна“ морална позиција ја гради исклучиво од себецентричното и, пред сè, анксиозно непосредно искуство страв, омраза, етноцентро статус-кво), и тука нема трошка морал. Тука има само самоодбранбени заблуди. Таквата позиција, консеквентно, не може никако да биде оправдана (морално/етички), туку може да биде само себезалажувачка! Но со трајни последици по животот (дури и нивниот).
Судирот против моралноста видливо го доби својот политички рефлекс преку МПЦ-ОА, дел од МАНУ, доминантните во ВМРО, Левица пер се, Родина Македонија, Десна-убијците, и други слични патриотски купусни лисја. Ние останатите, што веруваме во хуманизмот и се бориме за негово опстојување, сега фактички сме принудени да ја третираме како релевантна таа аморалност! Каков парадокс. И покрај тоа што кај неа отсуствува морална робустност.
Ми се чини дека консензусот не успеа, токму, од една ваква подлабока причина: неможноста да се помешаат маслото со водата, на пр. „Помирувањето“ ќе има(ше) цврсто тло само доколку фундаменталните морални категории беа разбрани барем слично: демократијата, уставот, мирот, соживотот. Но, тоа не е така затоа што скаменетиве хористи од лимените конзерви не ја капираат стварноста. Тие не прифаќаат дека времињата се поинакви од оние од каменото доба и имаат свои специфични предизвици, и дека за тие предизвици мора да се донесуваат одлуки – макар и тешки! Па и една амеба има повеќе желба за адаптација кон животните околности, за разлика од лимената конзервата, која останува така заборавена и ветвее со текот на времето.
Сепак, како што вели Грифин, никој од нас не може да избега од моралните дилеми на своето време! Значи, нема каде да бегате, жалам. Иако сте во конзервите и тие ќе ви дотраат, па ќе мора да се соочите со реалноста и да одговорите на клучните прашања врзани за опстанокот на Македонија во доба на рапидни цивилизациски промени.
Толку.

Либертас

(Авторката е универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот