Сите под знамето на Северноатланскиот сојуз

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Се случи она што сите сериозни аналитичари го предвидоа: Северна Македонија ќе влезе во НАТО, благодарение на решавањето на билатералниот спор со Грција и потпишувањето на билатералниот договор со Бугарија за мир и добрососедство. Тоа беше „карт бланш“ за влез во НАТО алијансата, чин што се очекува некаде во февруари 2020 година.

На самитот во Лондон, за владата предводена од премиерот Зоран Заев се зборуваше со уважување, со пиетет, се зборуваше свечено. Говорите беа облагородени со надежи за светла иднина, задоволство од постигнатото, соопштенија на премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров. Ни беше речено дека влегувањето на Северна Македонија во НАТО-алијансата ќе придонесе за мир и стабилност во регионот.

Да нè ги заборавиме спонтаните нежности на нашата влада со владите од западните сили. Македонското знаме во Лондон беше развиорено веднаш до другите знамиња на државите членки на НАТО-алијансата.

За тоа време, во прорускиот дел на македонската политичка сцена, атмосферата како на погреб на младиот син – единец. Или што би рекле (полу)писмените таблоидни пискарала на „Курир“, „тага и неверување“. И гробна тишина.

За подигнување на борбениот дух, ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше повторно да ја наметне пропаднатата аферашката приказна, наречена со кодно име „Рекет“. Се појавуваше онаа несреќна фигура Антонио Милошоски, се обидуваше повторно да наметне глупави хушкања до Владата и премиерот Заев, ама на тоа никој што е малку сериозен не реагираше. Хистеријата на Милошоски звучеше отприлика – „како е комшија?“: на неговите трескања никој не реагираше.

А само до вчера, македонската опозиција мудруваше дека можеби НАТО и не ни е потребен, „бладаше“ дека можеби требало да сме воено неутрални и слични параполитички „будалштини“.

И додека тие ги испаруваа своите „мисловни празнини“, прашањето на Северна Македонија за влез во НАТО е веќе решено. Македонските државници за тоа прашање се информирани од Американците – ако прецизно исчитувам – уште во мај оваа година. Поради таа информација, проруската опозиција ја отвори аферата „Рекет“, убедувајќи ги медиумите и своето членство дека со влегување на државата во НАТО, тие нема да добијат ништо… Уште еднаш, по којзнае кој пат во овие две години, присуствуваме на негирање на реалноста која речиси ритуално ја изведува опозицијата – Мицкоски прикриено зазема анти-НАТО и анти-ЕУ став, а тоа се исчитува од неговото неприфаќање на договорот од Преспа, односно неприфаќање на договорот со Бугарија.

На самиот ден на самитот во Лондон, опозицијата како „мртов старец“ од некоја висока планина соопштува дека македонската влада избрзува и прерано ја објавува дипломатската победа. Така проценува „искусната“ опозиција, која цело време се залага за нерешавање на ниедно политичко прашање во земјата, ги застапува „патриотските“ светогледи, а притоа останува со „две очи во главата“. Демантирани се уште следното утро. Повторно продолжуваат со провокации, а можеби – барем додека го испишувам овој текст – ќе побараат од НАТО да им објаснат зошто Северна Македонија ја ставаат во својот клуб на безбедни нации. Единствено не сум докрај сигурен дали „патриотската“ опозиција ќе бара усмено или може ќе бара написмено да им се одговори?

Таква беше опозициската атмосфера во изминативе години. Кога се бунтуваат и протестираат секогаш во нивните наративи има огромна доза на „антинато“ и „антиеу“, прават сè со своите унионистички сојузници државата да не стане просперитетна и сигурна. Дури патуваат и во Америка само за да хушкаат дека владата на Заев прави поделби и предизвикува нестабилност. И, види чудо, „дали влегувањето на државата во НАТО може да прави поделби и да предизвика нестабилност“? Дали ќе биде возможна дестабилизација ако државата биде членка на НАТО? Многу е јасно тука кој е генератор на криза и поделби.

Но сепак, да бидеме реални. Мицкоски, Милошоски и другите се обична празнина што ја пополнуваат откако им го нема нивниот вистински лидер на проруската опозиција, а тоа е Никола Груевски лично. Многу е глупаво, од оваа дистанца, да се мисли дека Мицкоски може да пополни некоја политичка празнина со содржина.

И ете, како на филмска лента, премногу предвидливо: се јави Никола Груевски на својот Фејсбук профил, веднаш по успешниот самит во Лондон. Ни вели Груевски: „Македонија ја замислував како ‘дел од Луксембург’ и ‘дел од Англија“. Toa го вели Груевски, се разбира, тоа што тој го вели се тешки глупости. Додека ВМРО-ДПМНЕ беше власт во оваа држава, од странските земји и медиуми беше карактеризирана за земја која е киднапирана од мафијашки режим, нема слобода на говор, невладини организации се гонат, а надворешната политика беше многу поблиска до Русија, отколку до Европа. Зачленувањето во НАТО беше нереална приказна затоа што немаше сосед со кој не бевме во некој латентен конфликт: било отворен, било прикриен. Груевски беше диктатор, а тоа го знаеја сите странски амбасади во Македонија.

Мицкоски и Груевски (криминалецот во бегство!) беснеат од завист и љубомора. Ама имаат и зошто. Влегувањето на Северна Македонија во НАТО им го уништува секој политички сон што го имаа во оваа земја – нестабилна држава со проруски елементи на владеење, а тоа е повторно враќање на национализам и поделби по етничка основа.

Затоа, нема причина за вознемиреност. Северна Македонија покрај сите пречки ќе стане дел од НАТО-алијансата. Со тоа, прво, се гасат сите руски влијанија, и второ, сите Македонци ќе живеат во својата држава, нема да има повеќе национализам – барем не во нејзиниот доминантен дел – и ќе има простор за сите етникуми да ги остварат своите права. Било тоа да се лични, било колективни. И сите ќе бидеме под едно знаме. Знамето на Северноатланскиот сојуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот