Синдикатот на Клинички центар бара да се поништи казната за медицинска сестра од Неврологија која зела крв од колеги за испитување антитела за коронавирус

Фотографија: Profimedia

Директорот на Клиниката за неврологија, доктор Иван Барбов, вели дека сестрата освен структуралната хиерархија, го прекршила и Правилникот за клинички студии донесен од Управниот одбор на клиниката. Тој за тоа ги информирал и Министерство за здравство и Државниот здравствен и инспекторат.

Медицинска сестра од Клиниката за неврологија е парично казнета со 20 проценти од платата зашто зела крв од петнаесетина свои колеги за серолошко испитување за антитела на коронавирусот за научно истражување, без дозвола од директорот и надвор од правилникот на здравствената установа. Синдикатот на Клинички центар бара казната за медицинската сестра да се поништи и се сомнева дека се врши притисок да не се дознае дали медицинските работници биле во контакт со коронавирусот.

Но, директорот на клиниката за неврологија, доктор Иван Барбов, ги отфрла ваквите тврдења како невистинити и посочува дека сестрата освен структуралната хиерархија, го прекршила и Правилникот за клинички студии донесен од Управниот одбор на клиниката. Тој за тоа ги информирал и Министерство за здравство и Државниот здравствен и инспекторат.

– Не е тоа поентата, дека не сакам да се зема крв и да се испитуваат антителата, туку тоа што не се почитувани процедурите. Не може сестра без знаење на управата и без почитување на правилата за клинички студии да зема крв од 20 луѓе. Откако ја зела крвта од 20 луѓе, планирала да креира упати од клиниката до Институтот за имунологија. Но медицинска сестра не може да креира упати, тоа може само лекар. Со мојата забрана да се креират упати јас всушност неа ја заштитив од поголеми злоупотреби што можеле да се направат. Во таква ситуација таа без упати крвта ја испратила на Институтот за имунологија. Мора едно да биде јасно. Едно е сам да се тестираш во било која институција, друго е на цела клиника да спроведуваш испитување, изјави директорот за ,,Слободен печат”.

Тој додаде дека уште пред да стане директор на Клиниката за неврологија имало злоупотреби на клинички студии и тие случаи дошле до државна ревизија и финансиски инспекторат, поради бројните неправилности.

– И поради тоа, кога станав директор, Управниот одбор донесе правилник за клинички студии во кој јасно се пропишува кога и како се спроведуваат овие студии. За да учествува во било каква студија, носителот на проектот треба да склучи договор со нашата клиника и јас тоа мора да го потпишам. Не може секој како сака да зема крв. Секој испитаник треба да пополни информирана согласност дека се согласува крвта да биде употребена за тоа клиничко испитување. По моето укажување дека не може да се земе крв без информирана согласност, медицинската сестра направила еден импровизиран список на кој се потпишале 14 вработени, иако крв им е земена на многу повеќе. Јас навистина не сакам да навлегувам во дизајнот на проектот кофинансиран од Агенцијата на франкофонски универзитети, а од друга страна да се испитуват антитела со упати на сметка на Фондот за здравствено осигурување, додаде Барбов.

Директорот вели дека лично го потпишал решението за казна, а не телефонски, и дека не се плаши од никаков скрининг на здравствените работници на клиниката. За дел од медиумите, сестрата пак, посочила дека ќе бара правна разврска на случајот поради тоа што смета дека на никаков начин не ги прекршила процедурите и не била должна за научното истражување да бара дозвола од директорот.

– Во написот од Синдикатот на клинички центар, јасно пишува дека таа сама сакала да се тестира, што не е точно. Наводно имало дозвола од лекарката што ме менувала тој ден, што исто така не е точно. Јас во овие 4 месеци откако почна корона кризата не сум отсуствувал ни еден ден. Јас тој ден бев на работа и го потпишав решението за казна, а не сум ја казнил телефонски. Не се плашам од никаков скрининг на здравствените работници на нашата клиника. Заради позитивни пациенти на коронавирусот речиси половина од персоналот се тестирани со ПЦР тестови. Голем дел од останатите се тестирани со антитела за КОВИД-19, кои се испитуваат и во Лабораторијата на клиниката за неврологија, додава тој.

Од Синдикатот на Клинички центар пак, побараа казната да се укине, зашто сестрата од Клиниката за неврологија учествувала во проект од јавен карактер кој поминал на етичката комисија на Медицинскиот факултет, сестрата не добила паричен надомест за доброволното учество, не направила трошок на здравствената установа со своето учество, ниту пак имала обврска да го информира директорот за истото. Оттаму додаваат дека се работи за голем професионалец и колешка која своите работни задачи ги извршува совесно, стручно и крајно одговорно, штитејќи го за цело време како сопствениот, така и угледот на клиниката во која работи 26 години.

,,Според исказот на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија на побараниот совет од Министерот за здравство и државниот санитарен и здравствен инспекторат како да постапи во случајот, одговорот од двете институции бил дека медицинската сестра треба да се суспендира од работа. Доколку изнесеното од директорот е вистина, многу мачно и болно е сознанието дека во денешно време со невидена леснотија, телефонски може да се одреди човечка судбина. Би прашале да не е проблематична целта на проектот, односно серолошкиот скрининг за да се детектира серопреваленцата на ИгМ и IгГ антителата против Сарс вирусот кај здравствените работници”, велат од Синдикатот на Клинички.

Оттаму додаваат дека проектот бил прифатен да биде кофинансиран во конкуренција меѓу 1.888 проекти од 423 високообразовни институции од 76 земји, а негов носител е Институтот за медицинска и експериментална биохемија, а како рамноправен фактор во изведба на серолошкото тестирање е вклучен Институтот за имунобиологија и хумана генетика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот