Силно одекна гласот на независните

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Веројатно дојде времето кога двете партии ќе ја немаат апсолутистичката моќ која досега ја имаа и ја практицираа кога ќе ја освоеја власта било на централно било на локално ниво и „измешаноста“ на картите на македонската политичка сцена неминовно ќе ги натера да соработуваат со другите.

Ако ги воопштиме резултатите од првиот изборен круг на локалните избори, можеме да дојдеме до заклучок за неколку своевидни феномени: рекордниот број неважечки ливчиња, речиси двојно повеќе од традиционално неважечките што се преповторувале од циклус до циклус, како и рекордно ниската излезност и рекордниот број гласови што отидоа на контото на независните кандидати за советници (група избирачи). Долго време пишував дека Македонија е ретка земја која, заедно со Албанија, триесет години по падот на тоталитарниот еднопартиски систем, односно по воведувањето на повеќепартизмот, сè уште е земја во која длабоко се зацврстени двата доминантни партиско-политички блокови во левицата, предводени од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), и во десницата предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Исклучувајќи ги т.н. мали, пајтон-приврзок партии на политичари кои во изминативе три децении биле исклучени од своите матични партии, па во зенитот на својата моќ создале свои партии, кои потоа најчесто ги врзувале за еден од двата големи композитни блокови, во зависност од политичката меркантилност, феноменот „Левица“ во изминатите неколку изборни циклуси се наметна како „трета“ опција, поматувајќи им ги сметките на големите бастиони во македонската политика СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, градирајќи во гласовите од изборен до изборен циклус, освојувајќи највисоки до сега 50.000 гласа на советничките листи на овие локални избори.

Сепак, за мене најинтересен феномен е успехот на независните советнички листи, кои без исклучок, веќе се застапени во советите на големите градови-општини, и во одделни урбани скопски општини, вклучително и во градот Скопје.

Веќе ништо не е исто!

Советничката Драгана Велковска и покрај тоа што во минатиот советнички мандат беше претставена преку партијата „Левица“, овој пат преку својот „Зелен хуман град“ успеа да биде претставена со дури двајца советници во главниот град, што до овие избори било незамисливо група граѓани да бидат избрани во советот на престолнината. Тоа важи и за скопските општини Центар (Јана Белчева) и Карпош (Невена Георгиевска), кои исто така како независни влегоа во советите на овие локални самоуправи. Советничката листа на „Поинаку“ во Битола, по втор пат ќе биде претставена во еден од двата најважни органи во Општината, со дури тројца советници, кои според првите информации би биле клучни за формирање на мнозинството во советот на вториот град по големина во Македонија.

Медиумите објавија дека и во голем број општини во Источна Македонија, но и низ општините на југот, Повардарието, југозападот, граѓаните ќе бидат претставени со гласот на независните. Кога ќе се земат 10.000 илјади гласови на „независната“ листа формирана од исклучениот од редовите на владејачката СДСМ, актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, тогаш со право може да заклучиме дека НЕЗАВИСНИТЕ се трета политичка сила на овие локални избори, дури и пред партијата „Левица“. Што можеме да извлечеме како наједноставен заклучок од сето ова?! Веројатно дојде времето кога двете партии ќе ја немаат апсолутистичката моќ која досега ја имаа и ја практикуваа кога ќе ја освоеја власта било на централно (извршно) било на локално ниво и дека „измешаноста“ на картите на македонската политичка сцена неминовно ќе ги натера да соработуваат со другите. Тоа е доказ и дека македонските граѓани веќе се уморени од традиционалната понуда на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во изминатите три децении овие партии наизменично „ги владееја“, односно управуваа со државата.

Кој да го валоризира гласот на независниот?!

И покрај тоа што (со право), опозицијата слави голема победа, освојувајќи поголем број општини по првиот круг, но и има добиено повеќе гласови на советничките листи, а со тоа и советници, кога ќе ги погледнете освоените 288.000 гласа на контото на ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи ќе сфатите дека тоа е под „историскиот минимум“ на таа политичка партија, што Љубчо Георгиевски го доби на легендарниот 15 септември 2002 година. Единствено што ја донесе победата на опозицијата на овие избори е жестокото казнување на владејачката СДСМ од нејзиното флуктуирачко гласачко тело, кое за околу 180.000 гласови помалку од претходните локални избори во 2017 година или излезе да гласа за други партии или, пак, апстинираше и остана дома и на тој начин ја казни власта. Опозицијата ги повтори гласовите од 2017 година, иако зеде околу 40.000 гласа помалку, но драстичниот краен крах на левичарските гласови ја исфрли на пиедесталот за да ја слави победата. Се поставува прашањето – има ли политички фактор, авторитет, да ги обедини тие 56.000 независни гласови под еден политички чадор и да ги факторизира на наредните парламентарни избори како трета политичка сила, без чиј глас и учество не ќе може да се формира идната македонска влада?!

Голем скептик сум, познавајќи ја суетата, надменоста, самобендисаноста и вообразеноста на некој кој штотуку станал функционер, макар и на најниско ниво како советник во советот на која било општина, дали мала рурална или, пак, „скопска градска-урбана“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот