Што прави денеска: Зорица Николовска, радиоводител и автор

Фото: Приватна архива

Зорица Николовска, е радиоводител и автор. Повеќето ја знаат како дел од тимот на утринската на Радио 2 – „Тик Так и Зорка“, иако нејзиниот глас можете да го слушнете во бројни ТВ и аудио проекти, реклами, филмови и детски серии, години наназад, а како радио водител работи повеќе од 12 години. Дел од слободното време го посветува на својот инстаграм – профил (@zorica.s.nikolovska), креирајќи забавна содржина, смеејќи им се во лице на секојдневните проблеми. На популарната социјална мрежа ја следат повеќе од единаесет илјади следбеници.

Фото: Приватна архива

За време на ковид пандемијата, откако со Тик Так ќе ја разбудеа и насмееа цела Македонија, со нејзина соработничка го создадоа првиот и единствен Дневник за Трудници на македонски јазик. Од неодамна е креатор и автор на подкастот на Зорка, каде се труди да даде мотив за убаво секојдневие на секој оној кој сака да слуша и да собере храброст и сила. Слободното време ужива да го поминува со семејството, сопругот, со синот Мартин и посинокот Иван.

Зорица ни долови како изгледа еден нејзин ден…

Замислете, најнеутринскиот човек и најголемата спанка на светот ја има задачата да ја разбуди и да ја насмее радио-публиката во Македонија. Едноставно понекогаш не можам да верувам!

Фото: Приватна архива

Во младоста моите денови стартуваа на пладне. А често се смеевме со другарките, дека ќе најдам работа – само со втора смена. Наутро ме буди сопругот, бидејќи инаку, би се разбудила по емисија. Денот го почнувам пред 6 часот наутро, пиејќи кафе во мир и тишина, размислувајќи за денот кој претстои. Се обидувам да не разбудам никого додека се подготвувам, иако не можам да се пофалам дека секогаш ми оди од рака. Уживам да тргнам на работа пред сите, да искусам едно поинакво Скопје, сообраќајно празно и уште неразденето, додека на најгласно слушам некоја од моите омилени песни (извинете на сите што живеете долж Партизанска, јас сум таа). Мини концертот до работното место ми помага, распевајќи се, да го подготвам гласот за 2 часовна радио дружба со колегата Тик Так.

Фото: Приватна архива

Денот продолжува со Утринската на Тик Так и Зорка. Од 7 и 30 до 9 и 30, веројатно ми е омилениот период. Се случува да ме боли стомак од смеење или да ми течат солзи, особено кога ќе се разврзе некоја дискусија од нигде-никаде, на која секој жестоко си ја брани својата теза, најчесто мојата е спротивна од онаа на Тик Так. А особено ги обожавам моментите кога измислуваме бизнис-план или стратегија на некој непостоечки бизнис кај нас.

Фото: Приватна архива

Убаво ми е кога комуницираме со слушателите, директно на телефон во програма или преку пораки на социјалните мрежи. Секогаш сум бескрајно благодарна на секој еден кој ќе ни напише забелешка или пофалба, затоа што тоа особено многу ми значи. Често знам да играм на омилените песни додека вие ги слушате на радио. Многу смеење додека трае емисијата, во и вон етер.

Денот и работното време продолжува во духот на дружбата и барање на информации и податоци за попладневната емисија или следната утринска на радио. Телефонските разговори со сопругот или пријателките ми се составен ден од секое работно утро. Кафе број 4 до пладне (12 часот) и многу смеење со колегите од работа. Знам да составам некое видео или фотографија за Инстаграм, но во последниов период активно работам на привршување на уште еден преубав проект, кој за некој месец ќе го види светлото на денот.

Фото: Приватна архива

Крајот на работниот ден, е резервиран за семејството. Откако се собираме сите, кој од работа, кој од градинка, кој од вонучилишна активност по часовите на училиште, и по семејниот ручек заеднички одлучуваме што со слободното време. Понекогаш е филм, понекогаш е шетање, а често сакаме да правиме вечера и да поканиме пријатели кај нас.
Сопругот е задолжен за храната (по барање на гостите), но и по мене се гледа дека сум одбрала правилно, ретко кој знае со таква страст да подготви храна. Кај нас дома никогаш не е тивко, ама убаво ни е кога е гласно и кога има гужва.

Фото: Приватна архива

Страстен фан сум на театарот и претставите па најмалку 2 пати месечно знам да го завршам работниот ден на некоја престава, во друштво на пријателките или сопругот. Понекогаш е концерт или за викенди некоја гласна и весела кафана со пријателите. Но кога сме дома, денот го завршуваме со читање приказни со синот, или прераскажување на дневните активности, едноставно не го пропуштаме тој ритуал на тивко шепотење пред да му посакам Добра ноќ, па потоа следи подготовка за следниот ден, а особено сум среќна кога по заспивањето на децата, со сопругот знаеме да погледнеме некоја серија, или да прочитам некоја страница од последната одбрана книга.
Се трудам работниот ден да ми заврши до 21 часот, иако реално, скоро секогаш е неизводливо.

Фото: Приватна архива

Навистина уживам во се она што одбрав да го правам и работам. Но, понекогаш ми е тешко и ми треба одмор, ми фали малку време и мир, а кога сакам да избегам од се за да наполнам батерии, знам да се исклучам од социјалните мрежи и да го ставам телефонот на нечујно и да отпатуваме семејно до друг град. Со сопругот редовно знаеме еднаш месечно да „избегаме“ сами од секојдневието. Од огромна помош ми се свекрвата и мајка ми, кои помагајќи ми со обврските и децата, изгледам од страна како да имам се под контрола и родителски живот од бајка, а всушност само се обидувам да реализирам се она што сум ветила, додека се тркам со времето и можностите. Навистина сакам да пренесам добар пример на момците дома.

Замислете која среќа ја имам, што го работам она што го сакам, па работата не ја доживувам како обврска, туку како задоволство. Згора на тоа, работам со еден од најдобрите пријатели, години наназад, семеен пријател и скоро дел од семејството, колегата Тик Так, од кого човек може да црпи многу искуство, позитива и разбирање. Секој од вас во животот, од клучно значење е да си го најде својот Тик Так или својата Зорка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот