Што научивме оваа недела: Германци одлучуваат, зарем не?

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Можел ли Филипче како министер да го разреши директорот на тетовската болница, дури и да знаел дека таму влегува кој како сака, прави што сака, не гледа ни протокол ни закон? Нема шанси! Па тој директор е од ДУИ, би се загрозила коалицијата, а со тоа и Владата! Грев е да разрешиш министер што не можел да разреши еден директор.

Заев не го дава Филипче! Зошто? Заев си знае. Дали му е тоа паметно? Заев ќе си види. Наесен се бројат пилињата. Да не е заради изборите, ние есенва имаме избори? Да не му „падне“ на СДСМ рејтингот ако Филипче понесе одговорност за катастрофалниот пожар? Да не проценил некој дека ако се прифати оставката, се прифаќа дека имало вина за пожарот, па тоа е мотивот за ваков жилав отпор? Па затоа како под команда (или без „како“, туку под команда) на Фејсбук мораше да му се изнаредат сите успеси на Филипче (добро, минус ковид-смртноста), а дузина директори, од прв до последен, потпишаа петиција за „непредавање“ на министерот? Јасна тактика, Филипче не го даваме, ако треба сите ќе гинеме!

Ама, оставката, како и стапот, има два краја. И нејзиното прифаќање има добри страни, како што има лоши страни и нејзиното упорно одбивање. Ако се прифати оставката, може да се поентира вака – оваа влада е сериозна, понесува одговорност за пропустите и грешките, како што се има заветено пред евроинтеграциските кама и библија. „Акаунтабилити“, ви текнува? Е сега, кој пресмета дека тоа носи помалку гласови на изборите во, да речеме, едно Карбинци, од швалерската логика – ако не признаваш неверство (вина), тоа како никогаш да не се случило? И како ги прават тие пресметки? Научно, со софтверски симулации, со инстант анкети? Или од око, со броење лајкови под постовите „за“ и „против“ Филипче?

***

Некој го потсети Заев дека кога сакал, како со заменик-министерот за образование, на пример, знаел понудена оставка за 24 часа да „експедитира“ пред пратениците. Море знаел и да разреши функционер, ако не му крева телефон, на пример. Други, пак, велат, не, Заев го чува Филипче поради големиот мега-тендер во најава „Нов клинички центар“. Ајде, ви се молам, зарем нема други јунаци што би се мачеле со проект со толку многу нули освен Филипче? Колку сакаш! Еден угледен доктор, пак, кажа трета теза што мене ми е најблиска, иако на прв поглед е апсурдна. На Филипче не треба да му се прифати оставката зашто во здравството владее башибозук! Баш така рече, башибозук. Па можел ли, ви се молам, Филипче како министер да го разреши директорот на тетовската болница, дури и да знаел дека таму влегува кој како сака, прави што сака, не гледа ни протокол ни закон? Нема шанси! Па тој директор е од ДУИ, би се загрозила коалицијата, а со тоа и Владата! Тој директор, на пример, бил „веде“ 11 години, а според закон не смеел да биде повеќе од 6 месеци. Ама според закон, а не според ДУИ. Што му можел еден Филипче? Грев е да разрешиш министер што не може да разреши еден директор. А плус и не е фер.

***

Е сега, овие муабети си ги правиме меѓу нас, не се за во јавност. За во јавност ставот е јасен – Заев не ги прифаќа оставките додека не завршат истрагите. Пеки. А какви се тие истраги? Прво, една инспекција, од тој Државниот санитарен и здравствен инспекторат, излегла на терен „по допрен глас“, да утврди дали е точно дека во тетовската клиничка болница биле пуштани надворешни лица во ковид-центарот, што е најстрого забрането, а и малку налудничаво, со оглед на ризикот од инфекции. И утврдила дека нема такво нешто! Инспектори дошле, не нашле никого и молам – кејс клоуст, случајот затворен! Па добро, се буни здравиот разум, меѓу загинатите има најмалку двајца што се роднини на пациенти, здрави луѓе што не смееле да бидат во ковид-центарот, а дузина сведоци на трагедијата сами си кажаа дека биле пуштани внатре во инфективната зона на „испомош“ на преморениот и малуброен персонал. Јок, тоа не се важи:  „ДСЗИ може да постапи само ако во моментот на надзорот најде присутни цивили во ковид-центарот каде што е забранета посета“ – појасни Инспекторатот. Ех, каква истрага! Па не очекувавте белким по сè што се случи, посетителите да ги затекнете „ин флагранте“? Ах, Заев ќе се изначека на „резултатите“.

Друга е истрагата на Германците. Од неа се очекува повеќе. Само, ако му се верува на Села, веднаш по пожарот, Груби и дваесетина функционери од ДУИ си вршеле своја „предистрага“ на местото на пожарот, си се шеткале по згариштето. А на снимките може да се види како луѓе си фрлаат камчиња наоколу, токму додека водителите известуваат за трагичниот епилог. А какви што се тие Германците, здодевни и педантни, може да кажат дека местото на настанот е „контаминирано“ (сме гледале и ние Си-ес-ај) и ние за нашите резултати не гарантираме. Се знае како се обезбедува место на настан, со лента, со полиција, а внатре пиле не смее да прелета, ќе ти речат. Дури тогаш Заев ќе мора да носи политичка одлука за оставките, а не „истражна“. Сепак, броењето лајкови е некаков метод.

***

Што нема да слушнеш од Германците. Ете, реномираниот германски весник „Велт ам Зонтаг“ застанал да се занимава со нашите локални избори и апаратите за отпечатоци на прсти што сме ги набавиле од, внимавајте ве молам, германската фирма „Дермалог“. За весникот тендерот во Северна Македонија, на кој победила нивната фирма, бил нејасен, па дури и криминален, па фингерпринтите многу скапо ќе сме ги плателе, 11 милиони евра, па фирмата не чинела, направила хаос на изборите во Авганистан и на Хаити (како можеш да направиш хаос, поголем од тој што го има во Авганистан и на Хаити?), резултатите од изборите ги немало шест месеци, па постоела опасност ист таков хаос да настане и во Македонија! И ова го пишува германски весник за германска фирма?

Е, сега, и ние не пиеме масло. Таа „Дермалог“ ти била фирма под контрола на Олаф Шолц, актуелниот германски министер за финансии и водечки кандидат за канцелар на претстојните парламентарни избори во Германија. И сега наеднаш „Дермалог“ не чини! Обична нарачка, црна пропаганда. Што не ќе направат за пуста власт, а ваму Германци ти се кажуваат.

За разлика од овие германски предавници, ние на германски фирми во старт им веруваме! Заев им ја затна устата со една отсечна изјава дека тендерот е кристално чист, „Дермалог“ чесно си победи, другите фирми учеснички, сите до една, чесно се дисквалификувани. Плус, знаеме сите, 11 милиони евра за нас не се многу пари, а од хаос, фала богу не се плашиме. Башка, поентираше Заев, овој тендер е под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи го спровела ДИК, а таму претседателот е нивни човек. А се знае, ако нешто е под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, нема простор за сомневање! Ете, уште еден „кејс клоуст“. Со „Дермалог“ може да се занимава евентуално Антикорупциска, ама знаеме, од примери како „Бахтел и Енка“, дека тоа не менува многу.

***

Оваа недела помина некако многу во знак на Германците, да е на арно! Ете, Ангела Меркел дојде во проштална визита на Балканот, зашто заминува од функцијата, која, видовме ја мерка господин Шулц. Сите балкански лидери се построија да се простат од скромната и доблесна Мама Меркел, која е сè што тие не се, а не се ни обидуваат да бидат, веројатно за да ѝ ветат дека тоа така ќе остане и по нејзиното заминување. Ама таа економична и практична, како што ја дал Господ, за да не арчи многу пари, посети само два града на Балканот – Белград и Тирана, па другите лидери мораа да допатуваат на последна „бацирака“ во овие две престолнини. Аналитичарите веднаш тоа го протолкува како порака дека тие се двата главни играчи (или главни бељаџии) во регионот, на кои треба да се обрне посебно внимание, откако таа ќе се повлече во мир со својот сопруг во скромниот двособен стан и ќе си се занимава со органска храна, јога и долги прошетки. Добро, ама зошто нас нѐ стави да одиме во Тирана, што му фалеше на Белград, таму сме навикнати, плус имаме подобар автопат, а и српски знаеме, колку толку? Да не сака да каже дека ние сме во албанска сфера на влијание, во новата „блоковска поделба“ на Балканот? Но, некој објасни дека Белград бил само за НВО-средби, а Тирана за премиерски, па ни олесна малку. Други, пак, рекоа дека на Меркел во Македонија баш и не ѝ е згодно да доаѓа, затоа што тука доживеала еден од ретките порази, покрај многуте успеси во кариерата. Дека можела и посилно и поуверливо да притисне да се тргне бугарското вето и да се отвори патот кон ЕУ за Македонија, која атер за тоа, меѓу другото, и имајќи голема доверба во Меркел, си го смени името, стана Северна. Се знае дека во свечени мигови никој не сака да се потсетува на ветувањата што ги дал, а не ги исполнил. За пензионираниот, како и за покојниот, треба да се зборува само најдобро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот