Широк владин фронт од март ќе го стеснува просторот за корупција

Владата пролетва тргнува во жестока пресметка со корупцијата со отворање широк фронт на сите нивоа, со серија мерки, предвидени во т.н. Акциски план, кој ќе биде презентиран на тематска седница кон почетокот на март.

Ова денеска за емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ го изјави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски. Тој откри дека акцискиот план ќе содржи обврски, задачи и конкретни задолженија за имплементација за повеќе институции, но и на Владата.

Од гостувањето на Николовски во „Утрински брифинг“ може да се заклучи дека поголем фокус во планот ќе биде ставен на областа на правосудството, бидејќи, како што вели, политичката волја на власта им пречи на криминалните структури во судството. Резултати во борбата против корупцијата ќе има, кога клучните антикорупциски институции ќе работат координирано, смета Николовски.

– Добро е што за првпат имаме оценки дека Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) не е под закрила и контрола на власта, и тоа е еден огромен напредок кој досега не сме го имале. Сè она што правевме овој период беше со цел да ги обезбедиме сите услови за ДКСК, со двојно зголемен буџет, со надминат проблем за софтверското решение, за да имаме електронски регистар и можност да се поднесуваат пријавите – изјави Николовски.

Засега останува непознато дали акцискиот план ќе содржи мерки кои дополнително ќе ја зајакнат ДКСК, откако претходно оттаму апелираа институциите да им ги почитуваат и имплементираат иницијативите. Антикорупционерот Нури Бајрами истакна дека не сите иницијативи што ги поднесува Комисијата вродуваат со плод, додавајќи дека тие не се однесуваат само кон Владата, туку и кон други институции, како Основното јавно обвинителство, инспекциските служби, локалната самоуправа и градоначалниците и други.

– Со овие иницијативи ДКСК не настојува да се претставува како репресивен орган, туку преку работа по предмети и конкретни иницијативи да ја одигра својата превентивна улога, да детектира слабости и да спречи состојби кои генерираат ризици за судир на интереси и корупција – изјави Нури за „Слободен печат“.

Претседателката на „Транспаренси интернешенл“ Слаѓана Тасева вели дека тие инсистираат новиот акциски план да ја содржи Стратегијата за борба против корупцијата, која ја изготви токму ДКСК.

– На средбата со вицепремиерот Николовски предложив да се изготви еден ваков план, но досега не сме виделе конкретни предлози за да може да имаме забелешки. Што се однесува до непостапувањето по иницијативите на Антикорупциска, веројатно тие ќе предложат некое решение. Чув дека не им се одговарало на време поради корона-кризата, и тоа навистина е еден фактор, но можеби треба да се продолжи рокот за одговор или да се преземат други мерки – вели Тасева за „Слободен печат“.

Од почетокот на 2019 година до средината на јануари годинава Антикорупциската комисија има поднесено 58 иницијативи, меѓу кои дел до обвинителствата, градоначалниците, до управните и надзорни одбори, до Владата и други. Сепак, за 18 иницијативи немало одговор во законски предвидениот рок од 60 дена.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот