Шаќири посети две училишта во Пласница, му побараа бетонска ограда и смарт табли
Директорот на училиштето во село Лисичани се пожали дека реката Треска често го поплавува училишниот двор и итно е потребен бетонски ѕид
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска престојуваше во Општина Пласница, каде се сретна со градоначалникот Алија Јаоски и директорите на двете основни училишта „Јунуз Емре” во село Лисичани и „Мустафа Кемал-Ататурк” во село Пласница.
Препорачано
Директорот на училиштето во село Лисичани, Ајнур Бајрамоски, посочи дека од страна на министерот Шаќири добил согласност за изградба на нова ограда на училиштето и набавка на смарт табли за сите училници.
– При денешната средба со министерот Јетон Шаќири ги истакнавме ургентните проблеми кои треба што поскоро да се решат. Најголемиот проблем кој ни се јавува при висок водостој на река Треска е излевањето во училишниот двор, кога истиот целосно се поплавува и учениците едвај успеваат да стигнат на настава, вели Бајрамовски.
Тој објасни дека оградата од страната на река Треска, според проектот треба да биде бетонска со висина од два метри, а на останатите три страни бетонска ограда од 60 сантиметри и метална пластифицирана ограда уште 1,40 метри.
– На министерот му го предочивме и недостатокот на смарт табли во училиштето. На нашето училиште му се неопходни 12 смарт табли кои можат да се набават за околу 3000 евра, а нивната полезност би била долгорочна и брзо би се почувствувала во совладувањето на наставната материја, додаде Бајрамоски и нагласи дека министерот Шаќири ветил оти ќе се заложи што поскоро да се решат овие проблеми во училиштето, а приоритет ставил на набавката на смарт табли.


