Северен Гоце Делчев

Фото: Слободен печат

Во духот на „Преспанскиот договор“, нашиот Гоце може да се преименува во Северен Гоце Делчев, и со тоа бугарската блокада во европските интеграции ќе биде отстранета.

Македонија полека, но сигурно, станува ветеран во доменот на бизарната дипломатија и решавањето на меѓународни спорови без преседан. Спорови кои се до толку забегани, што сами по себе наметнуваат уште позабегани решенија.

Откако конечно се реши деценискиот спор со Грција, со тоа што Република Македонија стана Северна, сега Бугарија бара да се откажеме од нашата историја. Конкретно, да се откажеме од Гоце Делчев. Од револуционерот кој веќе 117 години е мртов. Кој е битна историска личност, но неговото дејствување ѝ припаѓа на една друга епоха, на едно друго време, кое не би требало да има било што заедничко со случувањата во 21 век. Но Македонија, барем во односите со Грција и со Бугарија е таму некаде во втората половина од 19 век, па затоа и сменивме име, а од нас се бара да се откажеме и од историјата.

Затоа јас предлагам да не губиме време и веднаш да пристапиме кон воспоставување договор со Бугарија, сличен на „Преспанскиот договор“ што претходно го потпишавме со Грција. Значи, ако Македонија, мислам на оваа нашата, можеше да стане Северна, а регионот во Грција да остане да се нарекува Македонија, тогаш истото да го направиме и со Гоце Делчев. Наместо еден Гоце, нека бидат двајца. Да не речам две Гоциња. Еден Бугарин, а другиот Македонец. Едниот се борел за припојување на Македонија кон Бугарија, а другиот загинал за слободата на Македонија. Еве во духот на „Преспанскиот договор“, нашиот Гоце може да се преименува во Северен Гоце Делчев и со тоа бугарската блокада во европските интеграции ќе биде отстранета.

Веднаш да предупредам дека ќе се појават и неколку технички проблеми, кои ќе произлезат од договорот. Секако дека градот Делчево, ќе мора да биде преименуван во Северно Делчево. Истото важи и за мостот „Гоце Делчев“ во Скопје, но и за истоимениот студентски дом. Според договорот, на Бугарија ќе треба сигурно да ѝ фрлиме и понекоја коска од тоа ковчежето во црквата „Св. Спас“, како и гаранција дека на секој еден Гоце во Македонија, другарите ќе му залепат прекар Северин или Северко.

Знам дека ова ви звучи малку морничаво, но јас не сум виновен за тоа. Ова бизарно решение се наметнува само по себе, бидејќи и самиот проблем е бизарен и едноставно нерешлив со методологијата на традиционалната дипломатија и меѓународното јавно право.

И немојте да се изненадите доколку решението на спорот на крајот не испадне слично на будалштините што пред малку ги прочитавте, бидејќи ваквите спорови кои, да потсетам, во целокупната историја се само два, едноставно не можат поинаку да бидат решени.

Да не чекаме 20 и повеќе години за да ја отстраниме блокада на Бугарија кон нашиот пат во ЕУ. Ќе му ја залепиме хм… придавката Северен на Гоце Делчев и со уште едно проголтано хм… знаете што, да се приближиме кон семејството на европските народи, во чии односи владеат цивилизациски норми на модерното време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот