Сервер: Анексот од Охрид е со две сериозни мани – нема суштина и нема потпис на Србија
Последната верзија на анексот за спроведување на договорот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина, за кој се разговараше вчера во Охрид, има два големи недостатока, смета Даниел Сервер, професор на Универзитетот Џонс Хопкинс од Вашингтон, САД. Првиот е тоа што „се фокусира на процесот, а не на суштината“, што според Сервер меѓудругото значи и дека не се подразбира „обврска за признавање на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово“, а вториот е „повторното одбивање на Србија да го потпише“.
Сервер во анализата објавена денеска на неговиот блог наведува дека новиот договор предвидува надзорна група со која претседава Европската унија.
„Тие повеќе ја обврзуваат ЕУ отколку Србија и Косово. Уште повеќе, обврската не се однесува на признавање на суверенитетот и и територијалниот интегритет на Косово, затоа што договорот за нормализација не е во оваа референтна точка“, пишува Сервер.
Тој додава дека српскиот претседател Александар Вучиќ не ја потпишал спогодбата во Охрид затоа што „се плаши од реакциите во Србија“, каде, како што наведува, „владеат етничко-националистички страсти и омраза кон Албанците“.
„Официјалните лица на ЕУ и САД сакаат да верувате дека тоа не е важно. Но, важно е. Според меѓународното право обврска за државата се потпишаните договори. Непотпишаните не се. Србија може повторно да се повлече од сите спогодби за Косово, затоа што не се потпишани. Всушност, не е многу имплементирано. Дури ниту Косово. Потписите би наптавиле голема разлика. Затоа Вучиќ и го пружа отпорот“, пишува Сервер.
Американскиот професор додава и дека Американците и ЕУ наводно извршиле голем притисок на косовскиот премиер Албин Курти, а „зазеле поинаков простап кон Вучиќ и однапред го наградиле“.
Со тоа, како што наведува, на Вучиќ му е даден „дипломатскиот простор што му е потребен за да одбие да потпише“.
Сервер вели и дека најновата верзија на анексот „нема реципроцитет“.