Секогаш на страната на народот: „Слободен печат“ го повлече написот „Жртва на „Јавна Соба“: Државата да ги казни тие што ми го нарушија угледот!“

„Слободен печат“ доцна синоќа одлучи да ја повлече веста „Жртва на „Јавна Соба“: Државата да ги казни тие што ми го нарушија угледот!“. Ваквата одлука следеше по упорното инсистирање на посочената личност во текстот, Ј.М., која претходно нѝ даде согласност да ги објавиме нејзината приказна и фотографија, како и нејзиното полно име и презиме, за што редакцијата има и писмен доказ. При изработката на веста, новинарката Мирослава Бурнс ги запази сите професионални новинарски стандарди. Прво, се осигура дека Ј.М. е полнолетна, а потоа, поради чувствителноста на објавената содржина, новинарката ѝ ја испрати на авторизација веста на Ј.М., при што доби апсолутна дозвола за објавување на истата.

Откако веста беше објавена на нашиот веб портал, експресно беше споделувана на социјалните мрежи и преземана од други портали. Три часа по објавата, Ј.М., прво преку реакција до новинарката Бурнс, а потоа и до Фејсбук страницата на „Слободен печат“, почна упорно да инсистира да ја избришеме веста, бидејќи, како што ни посочи, нејзините родители ја прекориле и бидејќи „веста многу ја вознемирувала“. Таа, прашувајќи не дали ќе ја тргнеме веста, се повика на основната девиза на „Слободен печат“, „секогаш на страната на народот“, па дури и ни се закани дека ќе не тужи, иако нема основа за тоа.

„Слободен печат“ останува на својата девиза „Секогаш на страната на народот“ и секогаш ќе ја почитува, бидејќи нашите читатели ни се во прв план. Токму затоа, редакцијата сака да ги информира своите читатели дека, од етички причини, одлучи да ја почитува желбата на Ј.М. и да ја тргне веста од својот веб портал. „Слободен печат“ и понатаму ја поддржува Ј.М. во намерата да ја истера правдата и, како што нѝ изјави, да поднесе приватна постапка за нарушување на честа и угледот.

 

Редакција „Слободен печат“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот