Седењето дома нè спушти на земја

Иако сите срамежливо излегувавме на терасите и во дворовите обидувајќи се да го направиме карантинот полесен, сепак каучот овие денови и натаму ни е најдобар пријател.

Длабоко во себе чувствуваме огромна желба ова „корона лудило“ еднаш засекогаш да заврши, за конечно да почнеме да живееме „нормално“.

Но, претходно не се грижевме за природата, не ни беше гајле ниту за животните, ниту пак за што било друго околу нас, па одеднаш, буквално преку ноќ, сè застана. Како некој да го стопираше светот по своја волја и да ни ја даде последната опомена пред исклучување – класичен спортски жолт картон.

Меѓутоа, сега се наметнува прашањето дали ќе дозволиме да дојде до втор жолт, односно црвен картон? Дали и кога ќе си ја добиеме слободата назад, ќе бидеме толку безгрижни како порано?
Поговорката вели „секое чудо за три дена“, но не верувам дека ова толку лесно ќе се заборави.
Коронавирусот не само што нè спушти на земја, туку и нè подзамисли. Животот е бесценет, без семејството сме никој и ништо, а здрaвствените работници се позначајни од спортистите.

Животните во кафез се чувствуваат онака како што ние се чувствуваме во карантин, само што тие немаат социјални мрежи за полесно да преживеат. Планетата брзо се регенерира без човечко владеење, а природата во последно време како конечно да се „разбуди“ и буквално почна да „дише“.
Поради сите овие работи и уште многу други кои сега свесно сите ги увидуваме, верувам дека и нам ни се случува едно „будење“ од длабокиот сон во кој со години тонеше човечкиот вид.

Кога ќе ја добиеме втората шанса мораме да ја ставиме одговорноста на повисоко ниво кон сè околу нас, а враќањето во живот мора да се одвива доста бавно и внимателно.

Не смееме да влетаме во петта брзина и повторно да продолжиме со старото „добро темпо“, напротив сè што досега научивме мораме да имплементираме на дело, па само така чекор по чекор, полека, но сигурно можеме да си ја вратиме планетата на потребното ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот