Се води битка за зачувување на работните места и за унапредување на правата

Работници / Фото: mia.mk

Пред првомајското празнување, Социјално-економскиот совет одржа свечена седница, на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, секретарот на Советот на ССМ, Здравко Цветковски, и претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров. Сите тие се согласија дека во изминатата година, а и сѐ уште, се води битка за зачувување на работните места, но паралелно се подготвуваат и нови законски решенија за унапредување на правата на работниците.

Според премиерот Заев, дијалогот меѓу Владата, синдикатот и работодавачите е суштински и добил на интензитет за време на пандемијата.

– Имаме отворен и искрен дијалог, а тоа се докажа и преку неделата неработен ден. И покрај разните предлози, опстоивме на основната идеја. Минатата година со мерките успеавме да спасиме многу работни места, а во последниве месеци веќе се гледа закрепнувањето во економијата – рече Заев и упати честитки до работниците за Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.

Вицепремиерот Битиќи оцени дека Социјално-економскиот совет е успешен форум за соработка меѓу Владата, синдикатите и работодавачите.

– Минатата година се соочивме со предизвик што влијаеше врз нормалното функционирање во сите сфери, па така и во економијата. Само заедно можеме да се справиме со најголемиот предизвик – зачувувањето на работните места. Преку мерките на Владата во периодот од април до јуни, како и од октомври до декември беа дадени 138 милиони евра за плати за повеќе од 190.000 работни места, а во тек е помошта за февруари и за март – рече Битиќи.

Тој потенцираше дека се пласирани пари и за ликвидност на компаниите преку Развојната банка, а во однос на работничкиот стандард рече дека заложбата на оваа Влада, до крајот на нејзиниот мандат останува зголемување на минималната и на просечната плата за 30 проценти.

– Човечкиот капитал е непроценлив и најважен ресурс – констатираше Битиќи.

Министерската за труд и социјална политика зборуваше за новиот закон за работни односи, чија драфт-верзија, по оптимистичко сценарио, треба да се очекува во јуни. Во рамките на овој закон се спомена ново ефикасно решение за договорите за вработување, новините за породилното отсуство во корист на новороденчето, подобри решенија во однос на работата на определено, во однос на прекувремената работа, како и законско прецизирање на работењето од дома.

– Зачувувањето на секое работно место, заштитата и унапредувањето на правата на работниците и нивната безбедност се во центарот на дијалогот што го водиме – рече Шахпаска.

Секретарот на Советот на ССМ, Здравко Цветковски, рече дека синдикатот нема да дозволи кризата да падне на грбот на работниците.

– Бараме да се гарантира пристојна работа и пристојна заработувачка, како и пристојно место на работникот кој го заслужува. Апелираме на солидарност и заедништво во оваа здравствена и економска криза. ССМ ги поздравува мерките што ги спроведе Владата, но сега треба да чекориме кон забрзан развој и во таа насока Владата да ги исполни своите ветувања од програмата за работа. Исто така им се обраќаме на пратениците за да им кажеме дека не сакаме да бидеме дел од разговорите на нивните долги состаноци кои се водат без конкретен придонес – рече Цветковски.

Претседателот на Организацијата на работодавачите Ангел Димитров, пак, порача дека работодавачите треба да водат сметка за работниците, но и работниците треба да водат сметка за компаниите во кои работат.

– Компаниите се соочија со прекини на синџирите за снабдување, со намалена потрошувачка во странство и дома и да не беа петте економски пакети, загубите на работни места ќе беа два до три пати поголеми од сегашните загубени 17.000 работни места. Што се однесува до правата на работниците, почнувајќи од Уставот, правото на работа е загарантирано, потоа и во случај на невработеност постои надоместок преку Агенцијата за вработување, а за работодавачите има и кривична одговорност, ако, на пример, побараат исплатената плата да им се врати, во тој случај предвидената затворска казна е 3 години. Но, може да се види дека со казните и со законите не постигнуваме доволно – рече Димитров.

Годинава, и покрај пандемијата, ССМ ги повика своите членови, но и сите други работници на синдикален марш, со почитување на сите здравствени протоколи. Маршот ќе започне во 10.30 часот пред зградата на ССМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот