Се стега јамката околу проширувањето на ЕУ?

Македонија Албанија ЕУ Западен Балкан
Знамињата на Северна Македонија, Албанија и ЕУ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Има членки што сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може уште шест нови земји да се зачленат, да се закануваат со нивните права на вето, со нивните комесари – објасни министерот Османи за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Не е добра пораката што ЕУ ја испраќа до Западен Балкан дека на претстојниот самит на 6 октомври во Словенија нема да се усвои декларација за проширувањето, рече вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи за „Утрински брифинг“, коментирајќи ја информацијата на Ројтерс дека поради страв од можни реакции во земјите членки, Брисел повеќе не може да гарантира дека шесте балкански земји воопшто ќе бидат примени во ЕУ.

Од друга страна, Османи оптимистички смета дека сè додека доаѓа претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во Скопје да ни даде недвосмислена поддршка, ние треба да работиме и да ја убедуваме ЕУ дека заслужуваме да сме таму.

Агенцијата Ројтерс завчеравечер објави дека во предлог-заедничката изјава за претстојниот самит ЕУ-Балкан Унијата планирала да пишува дека ја реафирмира својата „недвосмислена поддршка за европската перспектива за Западен Балкан“, но земјите членки и по две рунди разговори не постигнале согласност за оваа формулација.

Османи: ЕУ не е унисона кон регионот

Министерот Османи смета дека ЕУ е посветена на евроинтеграција на регионот и таа опција е без алтернатива.

– Во подготовките на заедничката декларација што треба да се усвои на Самитот во Брдо се појави дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во документот. Некои го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново, други го интерпретираат повеќе како дефинирање на конкретниот самит, дали е за проширување или целта е само да се покаже фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан. Која варијанта и да е, пораката не е добра во смисла на унисоноста на ЕУ во односот кон регионот. Има членки што сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може уште шест нови земји да се зачленат, да се закануваат со нивните права на вето, со нивните комесари – објасни министерот Османи за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Според него, останува пораката Западен Балкан еден ден да биде дел од ЕУ и тоа е многу важно.

Османи, кој вчера му беше домаќин на еврокомесарот Оливер Вархељи, потенцира дека е добро тоа што на Самиот во Словенија на иста маса ќе седнат челниците на ЕУ и регионот и повторно ќе се разгледуваат перспективите за Западен Балкан.

Од Владата, пак, коментирајќи ја изјавата на министерот Османи, рекоа дека претседателката на ЕК, Фон дер Лајен завчера беше прецизна дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.

Според Ројтерс, застојот околу декларацијата е нова пречка пред самитот што требаше да ја зацврсти посветеноста на ЕУ кон стратегијата дека шесте земји од Западен Балкан ќе станат дел од европското семејство.

„Според дипломатите, богатите северни земји, како Данска, Франција и Холандија, стравуваат од повторување на избрзаната интеграција на Бугарија и Романија во ЕУ во 2007 година и лошото менаџирање на миграцијата на работната сила од Источна кон Централна Европа и Британија. Од друга страна, членките што се залагаат за проширување, како Италија, Австрија, Хрватска, Словенија и балтичките земји, ги критикуваат Франција и Германија дека не извршиле доволно притисок врз Бугарија да ја симне блокадата за Северна Македонија, што би го одблокирало процесот на проширување“, пишува Ројтерс, забележувајќи дека последниот развој се случува во време кога избувнаа нови тензии на границата меѓу Србија и Косово.

Фон дер Лајен: Ве сакаме покрај нас во ЕУ

Претседателката на ЕК, која е на турнеја низ Западен Балкан, вчера рече дека очекува решение со Бугарија и почеток на преговорите до крајот на годината.

– Со двете страни работиме и разговараме со цел да ја надминеме оваа последна пречка. Има многу работа. Сметам дека е добар процес, многу разговори, затоа што има многу теми што можат да се решат со добар дијалог, со инвестирање добри идеи за тоа како да се решат проблемите. Севкупната цел е да се почне со пристапниот процес што веќе не треба да биде попречуван и затоа кажав дека нашата цел е до крајот на годината да започнеме со првата меѓувладина конференција – рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев.

На прашањето дали Албанија ќе биде разделена во процесот во декември или напролет ако македонско-бугарскиот спор не биде решен, таа рече дека за Брисел е важно да се насочи на испорачување резултати сега, односно до крајот на годината.

– Вистина е дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас. ЕК и јас самата стоиме на тоа дека вие постигнавте извонреден напредок и сакам да бидам јасна дека сега ЕУ треба да испорача. Целосно го поддржувам формалното отворање на пристапните преговори што е можно поскоро. Не губете верба, изодевте толкав пат, достигнавте голем напредок. Имате поддршка од многу пријатели во ЕУ и ајде да работиме вредно кон одржувањето на таа прва конференција, тоа ќе биде нашата заедничка цел – рече Фон дер Лајен.

Премиерот Заев рече дека земјава и досега покажа подготвеност и конструктивен придонес, а во духот на европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија.

– Ние и досега покажавме подготвеност и конструктивен придонес за решавање на билатералните односи преку заемно почитување и заштита на националното достоинство, но идентитетските прашања едноставно е невозможно да бидат предмет на преговори и среќни сме што од Бугарија стигнуваат сигнали за разбирање за овие прашања, кои се исто така и европски вредности – порача Заев.

Тој е уверен дека португалскиот предлог, кој е преземен и од словенечкото претседателство со ЕУ, дава добра основа за решение до крајот на годината.

Арсовски: Преиспитување, а не укинување на проширувањето

Овие најави за неусогласеноста околу декларацијата за претстојниот самит не значат суштински одземање на европерспективата на регионот, туку се повеќе нешто како преиспитување на самите членки за тоа колку имаат сила за скорешно проширување, вели аналитичарот Петар Арсовски за „Слободен печат“.

– Ние веќе подолго време знаеме дека во ЕУ нема доволно силно расположение за да продолжи брзо проширувањето, како и дека овие блокади што ни се случуваат од Бугарија, не се само од Бугарија, туку зад нив стојат посериозни европски држави. Јас мислам дека овие најави за претстојниот самит не се суштинско одземање на европската перспектива на регионот, туку се нормални дискусии и преиспитување меѓу членките за тоа дали е потребно проширување во овој момент и колку имаат сила да го спроведат. Парадоксално, токму Бугарија е една од причините за скептицизмот за проширувањето во самата ЕУ, затоа што Бугарија е примена преизбрзано и сега членките, водени и од искуствата по влезот на Бугарија, Полска и Унгарија, сакаат да се заштитат – вели Арсовски.

Според него, ние немаме што друго да правиме освен да продолжиме да ги спроведуваме реформите дома и да ја уверуваме ЕУ дека нема да биде комплетна без Западен Балкан.

Во врска со најавите на премиерот Заев дека на Советот на ЕУ на 22 декември е можно решение Арсовски вели дека ништо не е сигурно поради политичката состојба во Бугарија.

– Досега неколкупати се најавуваше дека има решение со Бугарија, па нема. Тие во Берлин дури и прифатија решение, прифатија договор со нас, па потоа се повлекоа. Шансите за декември не можам сега да ги проценам затоа што, пред сè, зависи дали ќе има влада во Бугарија и кој ќе биде во неа – вели Арсовски.

Можно укинување на безвизниот режим за источноевропските земји и за ЗБ

Наводната злоупотреба од некои држави од Западен Балкан, како и од Молдавија, Грузија и Украина, ги натера некои членки на ЕУ, какви што се Германија и Франција, да ја разгледаат можноста за укинување на безвизниот режим, се наведува во интерен документ на Унијата. Меѓу наведените злоупотреби во документот, кој е со дата од 27 септември, се незаконски престој и неосновани барања за азил.

Визниот режим на ЕУ за Црна Гора, Србија и Македонија беше укинат во декември 2009 година, потоа за Албанија и Босна во 2010 година, за Молдавија во 2014 година и за Грузија и Украина во 2017 година. Патување без визи до 90 дена во ЕУ се смета за важен чекор напред во односите на 27-те земји членки со Западен Балкан и поранешните советски држави според политиката на Источното партнерство.

Безбедноста на документите е репер за спроведувањето на безвизниот режим

Но, според документот, Германија, Франција и Италија во последно време се фрустрирани од наводните злоупотреби на патување без визи. Во него се споменува пораст на „неовластени прекршоци за престој“ извршени од државјани на Албанија, Молдавија и Украина, како и на Албанија и на Србија.

Бугарско МНР ни испрати протестна нота за оштетен споменик

Бугарското МНР му врачило протестна нота на македонскиот в.д. амбасадор во Софија, Владимир Крстевски, поради замена на бугарски споменик во прилепското село Клепач, подигнат во чест на војводата Велко Скочивирчето и осум негови соборци што загинале во битка со османлиската војска во 1904 година. Според бугарското МНР, заменет е оригиналниот натпис на споменикот, а отстранети се делови од автентичниот текст и некои од имињата на убиените.

„За време на разговорот, бугарската страна инсистираше на преземање на потребните дејства од надлежните органи на РС Македонија за истрага и обнова на оригиналниот споменик. Беше истакнато дека замената на историските артефакти е акт на уништување на автентичното културно наследство и обид за менување на историјата, што предизвикува сериозна загриженост, вклучително и во контекст на потребата за строго спроведување на Договорот за пријателство“, се вели во реакцијата на бугарското МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот