Се продолжува булеварот Борис Трајковски: Над 70.000 граѓани побрзо ќе стигнуваат на посакуваната дестинација

Бул. Борис Трајковски, Фото: Архива

Градежните активности околу продолжувањето на булеварот Борис Трајковски до населбата Драчево во Општина Кисела течат во полн ек, информираат од оваа скопска општина.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, заедно со претставник од Градот Скопје кој е директно задолжен за изведбата, во координација со Кисела Вода, извршија увид во динамиката на активностите на терен. На овој потег кој води од населбата Пинтија до влезот на Драчево, пред мостот на Маркова река, се изведува модерно булеварско решение во должина од над два километри, кое е продолжение на булеварот кој води низ Кисела Вода – објаснуваат од Општина Кисела Вода.

Инаку, во моментов, се работи на процесот на експропријација на приватното земјиште, кое во најголем процент е во сопственост на деловни субјекти.

– Очекуваната временска рамка за завршување на овој голем инфраструктурен проект е до крајот на оваа година. Истиот, ќе го намали метежот, ќе ја зголеми безбедноста и ќе го олесни сообраќајот за преку 70 000 лица од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и околните населени места кои секојдневно ја користат оваа делница, а дополнително, бенефит ќе имаа и за индустриската зона лоцирана во овој дел на градот – информираат од Општина Кисела Вода.

Како што информираа градските власти на почетокот на изградбата на ова сообраќајно решение, станува збор за капитален инфраструктурен проект со кој ќе се продолжи булеварското решение на потег од влезот во населбата Пинтија до Драчево, во должина од над два километри.

– На овој потег оваа сообраќајница ќе се реконструира и прошири и ќе прерасне во модерен булевар со четири  сообраќајни ленти, пешачки и велосипедски патеки, модерно и енергетски-ефикасно јавно осветлување, како и дополнителна комунална инфраструктура – соопштија тогаш градските власти.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот