САД воведува задолжителна вакцинација во приватниот сектор, казните се брутални

САД вакцини / Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Мерките на претседателот Џо Бајден за вакцинирање на работниците од приватниот сектор против ковид-19 или неделното тестирање се одложуваат за по Нова година и ќе стапат на сила од 4 јануари, потег што оди рака под рака со претприемачите кои се соочуваат со недостиг на работна сила во текот на претстојните празници, пишува Си-Ен-Ен.

Американските власти во четвртокот потврдија дека задолжителната вакцинација на јавните службеници исто така ќе биде поместена за истиот ден, 4-ти јануари 2022-ра година.

Бајден воведе задолжителна обврска за вакцинација со помисла да се зголеми стапката на вакцинација и да се вратат повеќе луѓе на работа, но на бројните состаноци со различните големи компании и индустриски групи, директорите побараа од владата да ги одложи мерките по Нова година, наведувајќи го недостатокот на работна сила како причина за нивното барање.

Од работодавачите нема да се бара да плаќаат за тестирањето, а можни се и ослободувања од задолжителната вакцинација врз основа на медицински или верски причини.

Казни до 14.000 долари

Прекршувањето на преземените мерки може да резултира со парична казна од 14.000 долари, а таа сума се зголемува со последователни прекршувања, објаснија владини претставници.

Тие, сепак, не кажаа дали работниците ќе бидат отпуштени ако не се вакцинираат или ако одбијат редовно неделно тестирање.

Бајден планираше до 4 јули 70 отсто од возрасните Американци да ја примат барем првата доза од вакцината, но тоа не се оствари бидејќи Американците сè повеќе го зголемија отпорот кон задолжителната вакцинација.

Стапката на вакцинација во меѓувреме се зголеми и досега 70 отсто од возрасните се вакцинирани со двете дози, а 80 отсто примиле најмалку една доза, но и покрај тоа голем број Американци сè уште умираат секој ден како последица од вирусот.

Повеќе од 745.000 Американци починале од вирусот САРС-КоВ-2 досега.

Мерката за задолжителна вакцинација сигурно ќе предизвика голема правна битка која е вкоренета во законот кој ретко се користи и кој ги доведува во прашање федералните овластувања во областа на здравствената заштита.

Набргу откако беше избран за нов претседател на САД, Бајден на почетокот на декември 2020 година рече дека вакцинацијата против коронавирусот нема да биде задолжителна, но изрази надеж дека граѓаните на крајот ќе развијат доверба во вакцините против ковид-19.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот