САД: Додик пак се посрамоти околу Сребреница, ја става под хипотека иднината на Република Српска

Фото: Профимедиа

Амбасадата на САД во Сараево реагира на последните изјави на претседателот на Република Српска Милорад Додик, во кои тој повторно го негираше геноцидот во Сребреница, пренесува „Ал Џазира“.

„Претседателот Додик, како и секогаш, греши кога тврди дека геноцид не се случил во и околу Сребреница во јули 1995 година. Фактите за оваа трагедија се поткрепени со беспрекорни форензички и други докази и се утврдени без какво било сомневање од меѓународните судови: елементи на Армијата Република Српска, под команда на Ратко Младиќ и политичка директива на Радован Караџиќ, извршија геноцид и тие се воени злосторници“, соопштила Амбасадата.

Како што посочуваат, за ова и за другите воени злосторства извршени за време на војната 1992-1995 година, виновни се сторителите, а не цела етничка група. Повтореното негирање на геноцидот во Сребреница од страна на господинот Додик не може да ги промени овие факти, се нагласува во соопштението на Амбасадата.

„Грубите коментари и предрасудите за Сребреница и други чувствителни теми не им помагаат на граѓаните на Република Српска. Тие се обид да се одвлече вниманието од актуелната кампања за лишување на народот на Република Српска од основните слободи: од нерешавањето на секојдневните прашања кои најмногу ги засегаат жителите на Република Српска, како што е порастот на цените и од неодговорното јавно задолжување кое ја става под хипотека иднината на Република Српска“, се вели во реакцијата на Амбасадата на САД.

Тие нагласуваат дека не можат да го спречат Додик „да продолжи да се засрамува себеси и Република Српска, но САД ќе продолжат да реагираат на негирањето на геноцидот“.

„Ние, исто така, ќе продолжиме да ги поддржуваме и да соработуваме со граѓаните на Босна и Херцеговина, вклучително и оние кои живеат во Република Српска, додека работат на градење мирна, демократска и просперитетна иднина за себе во рамките на Евроатлантската заедница на нациите“, заклучила Амбасадата на САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот