Сѐ повеќе граѓани ја прифаќаат виртуелната картичка во автобус, ЈСП пријави нови 12.000 корисници

Гужва во јсп автобус / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Во изминатиот период откако претпријатието го промовираше новиот начин на плаќање, а дел од граѓаните на своите мобилни телефони ја инсталираа ваквата услуга и ги надополнија картичките за возење според наведените упатства, на терен многу често се соочуваа со неможност да наплатат.

Популарноста на виртуелната картичка за плаќање во автобусите на ЈСП „Скопје“ расте, велат од јавното претпријатие. Според податоците добиени оттаму, во последниот квартал се регистрирани нови 12.000 активни корисници на апликацијата, а ваквиот број бележи континуиран пораст на дневно ниво.
Како една од придобивките поради кои сè почесто граѓаните се решаваат да ја користат мобилната апликација „Скопска“ како еден од начините за плаќање на автобускиот превоз е фактот што за да се надополни картичката, не е потребно да се посети билетарница, а цената за наплатената услуга е иста како и при користењето на „обичната“ картичка.
-Бројот на корисници на мобилната апликација „Скопска“ секојдневно расте, односно во последниот квартал се регистрирани нови 12.000 активни корисници на апликацијата. Во моментов бројката е далеку поголема бидејќи посочената бројка се однесува само за нови корисници во последниот квартал – информираат од ЈСП „Скопје“.
Оттаму информираат и дека сѐ помал е бројот на граѓани што на терен се соочуваат со проблеми при плаќање на услугата што ја користат иако претходно веќе имаат надополнето возења на мобилната апликација.
-Сѐ помал е бројот на проблеми при користењето на апликацијата, кои главно се од техничка природа, кои се решаваат по пријава на наменската адреса [email protected] која е достапна за сите проблеми и прашања во врска со користењето на апликацијата – ја објаснуваат постапката надлежните од јавното сообраќајно претпријатие.
Колку за потсетување, во изминатиот период откако претпријатието го промовираше новиот начин на плаќање, а дел од граѓаните побрзаа и на своите мобилни телефони ја инсталираа ваквата услуга и ги надополнија картичките за возење според наведените упатства, на терен многу често се соочуваа со неможност да платат. Па, така, беа принудени да ја користат картичката „Скопска“ како и пред воведувањето на апликацијата за да ја избегнат можноста да бидат „затекнати“ од контролорите на ЈСП во некои од возилата. Реакциите беа бурни. Граѓаните се жалеа во претпријатието, бараа совет на билетарниците, од возачите во автобусите, а се консултираа за начинот на плаќање со новата апликација дури и на социјалните мрежи.
Во обид да им ја објаснат постапката за надополнување и начинот на плаќање, ЈСП „Скопје“ неколкупати откако апликацијата беше пуштена во употреба излегуваше со соопштенија и објаснувања околу начинот на користење и плаќање со т.н. виртуелна картичка „Скопска“.
– Пред сѐ, за да се користи апликацијата, мобилниот апарат треба да има вграден NFC (Near field communication) интерфејс, преку кој се врши безжичната трансакција (валидација) на билет. Неопходно е корисникот на апликацијата да провери каде е лоциран NFC на мобилниот уред што го користи (поставеноста е различна кај различен тип уреди).За да се плати/валидира билет преку апликацијата, корисникот треба да го избере менито билети и телефонот (NFC-то во преден план) да го доближи до валидаторот (како при плаќање со електронска картичка „скопска“) – стои во објаснувањето на ЈСП.
Од сообраќајното претпријатие тогаш објаснија и дека во случај корисникот на апликацијата да има надополнето повеќе типови билети, при валидација се одзема билет по „приоритет“ како при валидирање со електронска картичка „скопска“.
– На пример, доколку корисникот има месечен билет и билет од 10 возења, се валидира билет од месечниот билет. Доколку корисникот има билет за 10 возења и средства на електронскиот паричник, се валидира билет од тој со 10 возења. Исто како со електронската картичка „скопска“, практично апликацијата ја заменува „скопска“ – стои во објаснувањето од претпријатието.
Кога станува збор, пак, за корисниците кои користат странски број, при инсталација на апликацијата неопходно е да го изберат и соодветниот повикувачки број за државата во која е издадена СИМ-картичката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот