Ружин: Меркел не го даде максимумот за евроинтеграциите на Западен Балкан

Импресиите околу посетата и пораките на Канцеларката Ангела Меркел се поделени, меѓу целосното признание за нејзиното завземање за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, до оние најпесисмитички дека „многу малку или речиси ништо не направи за Западен Балкан“, што асоцира на приказната за морковот и стапот, вели професорот Нано Ружин за „Слободен печат“ за прошталната посета на германската канцеларка со лидерите на земјите од Западен Балкан, на кои таа им порача дека Берлинскиот процес е суштината и дека секој иден германски канцелар ќе го поддржува регионот на патот кон ЕУ.

– Анализата на нејзиниот долгогодишен мандат на чело на Германија и како еден од двата мотори на ЕУ, покажува дека во почетокот се спротиставуваше кон проширувањето на ЕУ, а подоцна и покрај охрабрувачките пароли, се доби впечаток дека таа не го даде максимумот за да се покренат европските интеграции на Западен Балкан. Меркел навистина покажа големи симпатии за народите и државите на Западен Балкан, но, дејствуваше  дисциплинирано и претерано рационално во нејзината балканска агенда. Иако очекувавме да има поголемо разбирање за балканскиот менталитет и душа, Ангела Меркел остана на позиции кои ѝ ги диктираа европските полускептици. Навистина имаше моменти кога ги интензивираше напорите, но и моменти кога, искрено можеше да направи многу повеќе, но тоа некако го релативизира – вели поранешниот амбасадор во НАТО, Ружин.

Тој додава и дека „релативизацијата на напорите на балканските лидери од страна на еврократите е најопасната стратегија за сите овие милиони балкански граѓани кои чекаат од 2003, а аспирантите тапкаат во место“.

–  Крајната порака е како расипаната грамофонска плоча: „ договорете се, правете реформи, водете битка против корупцијата…, а потоа ќе влезете во ЕУ – вели професорот Нано Ружин за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот