Русија набрка австриски дипломати во уште еден одмазднички потег

Австриската амбасада во Москва / Фото: Ekaterina P / Google Maps

Западноевропските земји и Русија постојано се во дипломатски битки со протерување дипломати, уште откако лани почна руската инвазија врз Украина. Денеска продолжи оваа „игра на нерви“, откако Кремљ побара од четворица австриски дипломати да ја напуштат Русија, како одмазда за неодамнешното протерување на четворица руски дипломати од Виена, јавуваат агенциите.

Австрија ги обвини руските дипломати за шпионажа, а канцеларот Карл Нехамер рече дека нивното протерување на 2 февруари значело дека Австрија „нема да стои со скрстени раце пред шпионажата на нејзина територија“ и „злоупотребата на гостопримството“.

Нехамер денеска го отфрли тврдењето на Москва дека Австрија повеќе не е неутрална.

Австрија, членка на Европската унија која води политика на неутралност, првично не сакаше да го следи примерот од други европски влади со протерувањето руски дипломати, но лани во април, под притисок на јавноста и нејзините партнери во ЕУ, сепак протера четворица руски дипломатски претставници.

Виена сега им даде рок од една недела на протераните руски дипломати да ја напуштат Австрија. Москва, пак, им порача на австриските дипломати да ја напуштат Русија до 23 февруари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот