Рот: Вие уставни промени, ние реформи за зачленување и пред членството во ЕУ!

Михаел Рот/ Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET / POOL

Уставните измени се неопходни, иако можеби се болни за некои пратеници, а резултатот од нив ќе биде процес на интегрирање, кој ќе биде попривлечен и ќе ги приближи земјите од Западен Балкан до ЕУ без да ги поткопа строгите критериуми за пристапување, рече Рот, поранешен министер за надворешни работи на Германија.

Нови пораки, нови идеи, нови препораки и нови предлози за забрзување на процесот на интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, како и нивно вклучување чекор по чекор во структурите на Унијата пред формалното членство изнесе вчера во разговорите со македонските политички првенци Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг и поранешен министер за надворешни работи на Германија.

Рот  учествуваше на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ во македонското Собрание и откако порача дека уставните измени се неопходни, иако можеби се болни за некои пратеници, во обраќањето на собирот изнесе шест предлози за реформи. Резултатот од нив, според него, ќе биде процес на интегрирање, кој ќе биде побрз и попривлечен за земјите од Западен Балкан и ќе ги приближи до ЕУ без да ги поткопа строгите критериуми за пристапување. Неговиот заклучок е дека луѓето и владите во регионот имаат итна потреба од опипливи придобивки од пристапувањето кон Европската Унија, а за да се постигне тоа, пристапниот процес треба да се реформира и така за земјите кандидатки да бидат вградувани чекор по чекор во структурите на ЕУ, уште пред формално да станат нејзини членки.

За Македонија од исклучително значење е предлогот за отворањето и за затворањето на преговорите и на поглавјата во иднина да се одлучува со квалификувано мнозинство во Советот на министрите на ЕУ, а Рот објаснува дека е „недозволиво една или две земји членки на Унијата да ги уценуваат сите други околу ваквите одлуки“.

– Тоа беше горката реалност кога јас бев министер за надворешни работи. Јас бев на колена, бидејќи прво требаше да ги убедувам француските, а потоа требаше да ги убедувам бугарските колеги – изјави Рот.

Тој уште предложи земјите кандидати кои остваруваат задоволителен напредок во рамките на Преговарачката рамка – добро владеење и владеење на правото да бидат дел од Европскиот совет и да учествуваат редовно во министерските состаноци. Другите предлози на Рот за побрзо членство се следните:
– Пред пристапувањето, ЕУ да оствари потесна соработка со земјите кандидати во клучните области какви што се безбедноста, енергијата и инфраструктурата, и да им се овозможи постепено пристапување кон заедничкиот европски пазар.
– Претпристапната финансиска помош значајно да се зголеми за да се намали јазот со земјите членки на ЕУ и за да се заштитат земјите кандидати од кинеските заеми.
– Да се зајакне улогата на граѓанското општество преку процедури за задолжителни консултации.
– Земјите членки на ЕУ да станат спонзори на техничка помош во процесот на проширувањето.

Во обраќањето на Конференцијата тој призна дека има причини за незадоволство во земјава.

– Вчера зборував со моите колеги од Северна Македонија и на сите им е преку глава од Европската Унија. Тоа се млади луѓе што имале доверба и јасно ми е зошто повеќе не ѝ веруваат на ЕУ. Не станува збор само дека вие треба да ги исполните вашите обврски, туку и ние треба да ги исполниме и нашите обврски и нашите ветувања. Без сомнение, Северна Македонија може да извлече придобивки од овие реформи и токму тоа ѝ е потребно по толку години чекање. Како најголема земја членка на ЕУ, Германија има посебна одговорност за иднината на Западен Балкан и навистина се гордеам што ова е една од главните теми на агендата на нашиот премиер – рече Рот.

Враќањето на војната во Европа, како што рече, ѝ далo до знаење на ЕУ дека стабилизацијата и интеграцијата на „нашите соседи од Источна и Југоисточна Европа е за наш интерес“.

– Тоа не е подарок, туку е за наш сопствен интерес. За да го постигнеме ова, процесот на проширување мора да се реформира на тој начин што граѓаните во земјите кандидати, како што е Северна Македонија, ќе може да извлечат придобивки од првичните предности што ги нуди членството во Унијата, дури и пред да стапи официјално како членка во ЕУ. Европската Унија одвои многу време и вложи многу доверба во земјите од Западен Балкан во изминатите години. Северна Македонија е најдобриот или, за жал, најлошиот пример за ова. Европската интеграција на Северна Македонија ќе биде од симболично значење за целиот регион затоа што е мултиетнички пример за Западен Балкан – рече Рот.

Говорејќи за руската агресија врз Украина, кажа дека тоа било будење на ЕУ од сонот и повторното откривање на фактот дека еден од нејзините најуспешни инструменти е политиката на проширување „која беше двигател во изминатите декади и водеше кон мир, демократија и владеење на правото“. Притоа треба да се има на ум дека со доделувањето кандидатски статус на Украина и на Молдавија се појавила загриженост во Западен Балкан дека фокусот на ЕУ во блиска иднина ќе се насочи кон Источна Европа. Затоа, неговиот став е дека ЕУ треба да ги обнови политичките заложби преку кои ќе постави основи за земјите од Западен Балкан да се придружат на ЕУ помеѓу 2025 и 2030 година.

– Знам дека ЕУ мрази да зборува за датуми и дека секогаш е тоа ризично. Но, потребна ни е поголема амбиција. Не можам да дојдам во Скопје, во Сараево или во Приштина и да кажам, видете, зависи од вас, колку повеќе сте амбициозни, толку побрзо ќе ви се даде можност да се приклучите кон ЕУ. Мислам дека ние треба да бидеме поамбициозни. Не сум сигурен дека луѓето во вашата земја би биле трпеливи да чекаат уште 20 или 25 години. Треба да утврдиме патоказ кој ќе биде посуштински, попрецизен од оној што го имавме – изјави Рот.

Неговата наредна порака беше – „вашата иднина е и наша заедничка иднина“ и повеќе не може да се дозволи недостиг на одлучност кога ситуацијата е покршлива од кога било претходно.

Рот во Скопје, покрај учеството на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ на која се поканети парламентарци и претставници на стручните служби на парламентите на земјите од Западен Балкан, германскиот Бундестаг и Европскиот парламент, имаше средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претставници на Владата и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Треба поголема борба против корупцијата

Сакам да ги мотивирам моите колеги овде дека вреди да бидат повеќе ангажирани во борбата против корупцијата, за независност на судството, за зајакнување на владеење на правото и на демократска култура во оваа земја. Но, неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на пратениците – изјави Рот.

Одговарајќи на новинарско прашање за измените во Кривичниот законик, тој кажа дека сега не е време за меѓусебни уценувања. Неговата главна цел е забрзување на преговорите меѓу ЕУ и Македонија бидејќи Македонија заслужува членство во ЕУ што е можно поскоро.

Џафери: Зачленувањето во ЕУ е Маршалов план за Балканот

Како регион сме предиспонирани да станеме членки на ЕУ и овој процес ќе биде еден вид Маршалов план за Западниот Балкан, порача претседателот на Собранието Талат Џафери.

– Географски, стратешки и со мнозинската волја на граѓаните, како регион сме предиспонирани да станеме членки на Европската Унија, штом ги исполниме потребните услови за членство. Исто така, свесни сме дека на тој пат, сите ние поединечно и колективно сме исправени пред многу предизвици од различна природа. Искуствено, од претходните проширувања, мора да прифатиме дека мораме да се справиме и да најдеме прифатливи решенија за сите прашања што се третираат како отворени и ни претставуваат пречка на тој пат – изјави Џафери на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот