Ризикот е реален: Топењето на вечниот мраз може да разбуди милијарди милијарди патогени

Само се претпоставува дали древните микроорганизми ќе преживеат или ќе доминираат - Фотографија ЕПА, Џоу Чао

При студијата воопшто не се истражувало какви би биле последиците за луѓето, но се укажува дека ризикот е реален, бидејќи некои од најстрашните епидемии, како САРС-КоВ-2, ебола или ХИВ, почнале кога мутиран вирус прескокнал од животно врз човек и потоа продолжил да се шири меѓу луѓето

Научници тврдат дека не е висока, но е сосема реална опасноста топењето на вечниот мраз во арктичките региони и на глечерите да разбуди одамна замрзнати бактерии и паразити што може да предизвикаат пандемии и уништување на екосистемите, а против кои не може брзо да се најде одговор.

Во 2003 година од примероци од дното на леден цилиндер извлечен од планинското плато Чингхаи-Тибет биле изолирани бактерии замрзнати пред 750.000 години. Во 2014 година од сибирски пермафрост стар 30.000 години бил изолиран сибирски „зомби“ питовирус, а одмрзнати спори од пермафрост се посочени како причина за регионална епидемијата на антракс во 2016 година, која зарази десетици луѓе и уби илјадници грла елени.

Имајќи ги предвид податоците дека температурата на Земјата се загрева со спектакуларна брзина, особено во поларните региони, научници предвидуваат дека стопените вечни мразеви секоја година ослободуваат по околу 4 секстилиони микроорганизми – колку што има ѕвезди во Универзумот. Досега немаше ни приближна процена колку од овие 4.000 милијарди милијарди микроорганизми се патогени и колкава штета може да предизвикаат врз екосистемите.

Симулација што неодамна ја направиле професори од САД и од Финска покажала дека ако еден древен патоген се ослободи во денешните биолошки заедници, голема е веројатноста дека би преживеал, а во 3 отсто од случаите патогенот станал доминантен во новата средина, предизвикувајќи огромна штета. Во најекстремни, но и сосема возможни, сценарија, патогенот имал 30 отсто шанси да стане доминантен.

При студијата воопшто не се истражувало какви би биле последиците за луѓето од евентуално одмрзнување патогени, но се укажува дека ризикот е реален, бидејќи некои од најстрашните епидемии, како САРС-КоВ-2, ебола или ХИВ, почнале кога мутиран вирус прескокнал од животно врз човек и потоа продолжил да се шири меѓу луѓето.

– Мала е веројатноста дека древен патоген разбуден од вечен мраз може да предизвика катастрофално истребување, но нашите резултати покажуваат дека тоа сепак не е фантазија, туку возможно сценарио за кои мора да се подготвиме – заклучуваат научниците Кори Бредшо од Универзитетот Флиндерс и Џовани Строна од хелсиншкиот Универзитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот