Режим, полициска бруталност и реакции со двоен аршин

Фото: Слободен печат

Во последните две недели бевме сведоци на претепувања на Срби. И во двата случаи, полицијата употреби физичка сила и фрли солзавец, а документирано е и очигледно пречекорување на дозволените средства на присила од безбедносните служби. Од моја гледна точка, најинтересен е фактот дека „дежурните“ демократи во Македонија воопшто не изреагираа на првиот случај на претепување на Србите, додека за вториот известуваа речиси во минута, објавувајќи ги по социјалните мрежи фотографиите и видеата снимени од местото на настанот.

„Полицијата со употреба на физичка сила и хемиски средства ги растера демонстрантите кои протестираа во главниот град. Се протестираше и во другите градови, каде што полицијата исто така употреби сила“, оваа информација беше објавена од пред десетина дена. Тогаш беше известено дека демонстрантите Срби протестираа против режимот, за кого сметаат дека владее недемократски и ги крши нивните најосновните демократски и човечки права.

Оваа информација, иако беше пренесена од речиси сите медиуми во Македонија, сепак, не предизвика никаква реакција кај нас. Но затоа веста дека Србите демонстранти беа растерани од полицијата, која употреби физичка сила и солзавец, предизвика огорчен бес кон режимот и отворена поддршка кон протестантите.

Зошто е тоа така? Можеби ќе стане појасно, доколку се земе предвид дека првата информација се однесува на немирите во Подгорица и во другите градови во Црна Гора, каде што полицијата е црногорска, а режимот е на Мило Ѓукановиќ. Таму Србите протестираа поради наводните манипулации на властите со пропишаните мерки за заштита од заразата со кои беа забранети православните литии. Втората, понова информација, која предизвика земјотрес по социјалните мрежи кај нас, се однесува на протестите во Белград, каде што демонстрантите му се спротивставија на режимот на Александар Вучиќ, обвинувајќи го за манипулација со мерките преземени за ширењето на заразата со коронавирусот.

Значи и во Подгорица и во Белград беа тепани Срби, кои се бореа против манипулациите со здравствените мерки, кои против себе имаат брутално насилна полиција и кои се обидуваат да соборат режим што владее недемократски. Вучиќ некои осум години, додека Мило од времето на комунизмот.

Уште еднаш прашувам – зошто е тоа така? Срби ваму, Срби таму. Полицијата брутална и во двата случаи, а диктаторите осведочени. Не знам, можеби Србите се жртви на насилство, на режимска власт, на манипулации, само кога живеат во Србија и кога ги тепа српската полиција?

Не сакам да бидам погрешно разбран, и јас бев длабоко потресен од тоа што можеше да се види од демонстрациите во Белград. Онаа видеоснимка на која се гледа како полицајците ги тепаат луѓето што мирно си седат на клупа е навистина грозна. Но потресен бев и од тепањето на луѓето во Црна Гора, како и на Афроамериканците во Америка, кои имаат само едно барање, а тоа е полицијата повеќе да не ги убива.

Ја охрабрувам поддршката кон демократските протести, но тоа треба да се прави почесто. Полициското насилство е еднакво грозно и на улиците на Вашингтон, Брисел или во Париз, каде што, патем, полицијата насилно прекина протест на млади жени, кои со голи гради им се спротивставија на одлуките на француската влада донесени во периодот на корона-кризата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот